Final Fantasy, име кое предизвикува насмевка на лицата на милиони фанови ширум светот штом ги чујат тие два збора, е франшиза за која можам да кажам со сигурност дека е една од најпознатите во светот на гејмингот. Самиот факт што дочекавме да имаме 16-то продолжение говори многу за квалитетот на игрите кои се дел од овој бренд.
Еден мудар човек еднаш рекол “Не постои лоша Final Fantasy игра. Можеме да дебатираме за тоа која е подобра или не толку добра во опсегот на самата франшиза, меѓутоа, сеопфатно земено сите Final Fantasy игри се во најмала рака одлични, секако некоја повеќе, некоја помалку“, и мора да се признае дека мудрецот е во право. Почнувајќи од далечната 1987-ма година, кога името Final Fantasy за прв пат се појавува како игра за Nintendo Entertainment System, франшизата станува синоним за квалитетни игри сместени во High Fantasy и Science Fantasy Settings, Final Fantasy XVI не е исклучок.
Дејствието на играта се случува на земја наречена Valisthea која е поделена на два континента, Ash на исток, и Storm на запад. На шест различни локации низ двата континента се издигаат колосални кристални формации познати како Mothercrystals кои претставуваат извори на aether, енергија која служи за користење на магија. Токму околу овие кристали се основани шесте нации на Valisthea, The Grand Duchy of Rosaria, The Holy Empire of Sanbreque, The Kingdom of Waloed, The Dhalmekian Republic, The Iron Kingdom и The Crystalline Dominion. За жал нема мир помеѓу овие нации кои се постојано во воени конфликти меѓу себе, и како тоа да не е доволно, двата континенти се запоседнати од феномен кој едноставно се нарекува Blight кој резултира со губење на Aether-от, а со тоа и плодноста на почвата и водата. Оние региони каде Blight-от е раширен не се погодни за живот, дури и користењето на магија е оневозможено поради отсуството на Aether, и најстрашно од сѐ е тоа што овој феномен се шири по целата земја, полека но сигурно.
Магијата на Valisthea се користи на два начини. Првиот е преку употреба на мали парчиња од кристали земени од Mothercrystals кои служат како медиуми со кои луѓето користат магија, но постојат и такви индивидуи кои се раѓаат со природен афинитет кои може да користат магија без помош на кристали, и ова е вториот начин. За жал ваквите индивидуи, наречени Bearers, се робови и биваат третирани како добиток и сопственост од страна на оние кои немаат природна дарба за магија. За да може да ги распознаваат Bearers биваат жигосани со специфичен симбол на левиот образ и од тој момент натаму се нарекуваат Branded. Постои уште една, трета група на луѓе кои се раѓаат со специфична дарба да се преобразуваат во моќни божествени битија наречени Eikons. Ваквите индивидуи се познати како Dominants, и во играта среќаваме само осум.
Приказната во играта ја следиме преку перспектива на Clive Rosfield кој потекнува од Rosaria и е син на војводата Elwin Rosfield. Животот на Clive е испреплетен со турбуленции, трагедии и константна борба против неправдите кои владеат во светот. Секако, во оваа борба за подобар живот тој не е сам, плеада на ликови му се придружуваат во текот на приказната, едни од најзначајните се Jill Warrick, Joshua Rosfield, Cidolfus “Cid” Telamon, the bestest boy Torgal, и многу многу други, сите сплотени со една цел, спасување на светот кој е на раб на комплетно уништување.
Со сигурност можам да кажам, дека од скоро сите аспекти, ова е една од најдобрите Final Fantasy кои се излезени до сега, а во исто време можам слободно да кажам дека е и една од најдобрите игри што некогаш сум ги играл. Приказната е огромна, светот е богат со историја, ликовите се максимално разработени и длабоки во својата персоналност, со свои специфични карактерни особини како и богати лични приказни, и ова не важи само за главните ликови, кои секој на свој начин се фантастично разработени, туку и за споредните ликови кои навидум имаат помала улога во целокупната приказна.
Многу од работите по кои Final Fantasy игрите се препознатливи се и те како присутни во FFXVI, како Moogles и Chocobos, таканаречените summons кои во оваа игра ги знаеме како Eikons, се исто така присутни и не можам да не ги набројам сите: Shiva, Ifrit, Phoenix, Titan, Odin, Ramuh, Garuda и Bahamut. Cid кој скоро секогаш игра една од главните улоги во приказните на франшизава е секако присутен тука.
Уште од самиот почеток па се до 2002 година, Final Fantasy беше серија на игри кои доминантно имаа turn-based system за битки, односно да бидам попрецизен, ова траеше заклучно со Final Fantasy X и нејзиниот spin-off Final Fantasy X-2. Од Final Fantasy XI работите почнуваат да се менуваат и франшизата еволуира во однос на combat system-от, за полека но сигурно од turn-based combat да премине во брз action based combat system, ова секако кулминира во Final Fantasy XVI. Главното оружје со кое Clive се служи е меч но исто така има пристап до многу моќни magical powers, а сето ова е комбинирано во многу забавен и брз action packed combat проследен со combo-attacks. Имаме пристап и до powers upgrading system, иако Final Fantasy се текот на времето се одвои од RPG жанрот, некои елементи сѐ уште се присутни, како собирањето на experience за leveling up кој ни дава skill points со кои можеме да отклучиме или појачаме плеада на магиски способности кои се користат во битка. Она што морам да го издвојам како најсилниот асет на играта, кога станува збор за combat, се битките помеѓу самите Eikons. Не е доволно ако само кажам дека станува збор за борби од епски размери, загарантирано adrenalin rush кога ќе ги играте овие делови, ќе ве држат залепени на што и да сте седнати во тој момент и контролерот ќе ви биде цврсто грабнат во раце, затоа што степенот на ЕПШТИНА ( да, морав вака да го пишам, deal with it ) во овој дел од играва е на највисоко ниво!
Како што веќе спомнав, Final Fantasy XVI има брз и динамичен combat-system, ова навидум личи како сè што треба да направите е да притискате на копчињата од контролерот без некоја лоика или стратегија, но тоа воопшто не е така. Еден од најзабавните делови во играта, кога станува збор за овој аспект, е комбинирањето на различниот асортиман на напади и магиски способности кои ви се дадени на располагање за да се справите со непријателите на различни креативни начини. Особено е забавно кога ги комбинирате способностите на различните Eikons кои во текот на приказната Clive ги акумулира, а за да биде уште поинтересно овие комбинации на напади може да ги направите и додека сте на земја, но и додека сте во воздух затоа што некои Eikons, како Garuda и Phoenix, имаат способности кои го лансираат непријателот во воздух и сето ова во комбинација со способностите кои ги дава Ifrit ви овозможува на забавен и креативен начин да се справите со непријателите кои ќе ви се најдат на патот! Ова воопшто не е чудно затоа што како Battle Director го имаме Ryota Suzuki, име кое им е многу добро познато на фановите на Devil May Cry и влијанието на оваа франшиза на Capcom е повеќе од очигледно кога станува збор за битките во играва. Чувството на стратегија во однос на комбинирање на нападите воопшто не е изгубено, добро изведените комбинации ќе предизвикаат катастрофална штета за вашите непријатели. Мора да се напомене дека стратегија, односно потреба од брзо и тактичко размислување има и во начините на одбегнување или блокирање на непријателските напади.
Во играва не постои Еasy Мode, Нormal Мode или Hard Mode, бар не во традиционална смисла. Нема да можете да одберете опција за дали играта ќе ви биде потешка или полесна за играње преку менито, овој “проблем” е генијално решен на неколку начини. Оние кои сакаат само да ја видат приказната и не сакаат да се напрегаат премногу во битките ќе си го олеснат животот со користење на специјални предмети во опремата која ја носи Clive. Овие предмети драстично ќе го олеснат играњето во борбите со автоматско одбегнување на непријателските напади или автоматско пиење на напивките за лечење. Од друга страна пак, оние кои уживаат во предизвици не се изоставени, во играта има и опција за аркадно играње кој се фокусира на борбени предизвици, како и опцијата за New Game + која се отклучува откако ќе ја поминете главната приказна и ја крева тежината во невозможни височини. Дополнително на сè што веќе споменав е и системот на Hunting Board кој ви дава опција да “ловите” непријатели кои се далеку посилни од оние кои најчесто ќе ги сретнете, сè со цел да се збогати целокупното искуство за време на играње. Овие Hunts покрај тоа што даваат солидна количина на experience се извор и на ретки материјали кои се потребни за појачување на опремата која ја носи нашиот протагонист. Crafting системот не е изоставен, напротив, е многу битен сегмент во играта и ви нуди широк спектар на опрема која ви стои на располагање за поефикасно справување со непријателите на Clive, со кои ќе се соочувате во борбени сценарија слични на линеарна зандана полна со плеада на различни непријатели и големи “шефови“. Ова се едни од најдобрите моменти во играта, динамичните борби проследени со прекрасна кинематика кои нудат спектакуларно уживање!
И за техичкиот аспект имам само најпофални зборови. Графички играва изгледа прекрасно. Дизајнот на карактерите како и самите модели се многу детални и одлично изведени. Светот и местата кои ќе ги посетувате ќе ве натераат за момент да застанете и да уживате во погледот, ќе посакате да направите screenshots за да ги користите како backgrounds. Визуелните ефекти, особено на нападите како и анимациите исто така заслужуваат пофалба на највисоко ниво. Еден од аспектите по кои исто така Final Fantasy се препознатливи игри е и музиката. Не постои FF игра со лоша музика, тоа секако е голема заслуга на доајенот на gaming soundtracks, Nobuo Uematsu, кој раководната палка за музиката ја предаде на маестралниот Masayoshi Soken, човек чии музички талент никого нема да го остави рамнодушен, само за Final Fantasy XVI успеа да искомпонира околу 260 музички траки, и морам да признаам дека се надмина себеси! Секако, не може, а да не се спомене и одличната екипа на voice actors кои ги позајмија своите гласовни способности на ликовите од играва, уште еден фантастичен аспект, секоја чест, прекрасно ги искажуваат сите емоции на самите ликови, ниту еден глас не е miscast, па кога веќе сум тука ќе споменам некои од нив, Ben Starr како Clive Rosfield, Susannah Fielding како Jill Warrick, Logan Hannan како Joshua Rosfield и Ralph Ineson како Cidolfus Telamon.
За крај сакам да споменам и уште едно име без кое сметам дека играва немаше да биде тоа што е, продуцентот Naoki Yoshida, кај фановите познат и како Yoshi-P, човек кој ја стекна својата слава со тоа што ја зеде Final Fantasy XIV кога беше на работ на пропаста и ја претвори во најдоброто MMORPG што некогаш сум го играл, па така кога го видов неговото име поврзано и со Final Fantasy XVI имав доверба дека продуктот кој ќе го добиеме ќе биде gaming master piece, и не погрешив.
Многу ретко давам оцени, ама за Final Fantasy XVI не можам да се воздржам, играва за мене е чиста 10/10. Комплетен gaming продукт, одлична приказна, одличен setting, одлични карактери, забавен брз gameplay кој е амалгам на action adventure со мали примеси на RPG, битки од епски размери, прекрасна графика и феноменална музика. Ако Square Enix продолжат вака секогаш ќе имаме квалитетна Final Fantasy игра.
Final Fantasy XVI моментално е ексклузивна само за Play Station 5, но се очекува наскоро да биде достапна и за другите платформи. Сакам да потенцирам дека во рок од шест дена играта успеа да продаде три милиони копии, што е огромен успех имајќи предвид дека е Play Station 5 ексклузивна.
Купете ја, играјте ја and thank me later. Поздрав!