What We Do in the Shadows – Рецензија

Ако за мене, порано, можеше да се каже само една работа,  тоа ќе беше дека исклучиво хорори гледам. Бев член на сите видеотеки у Скопје и ги гледав сите хорори, од сите видеотеки. Некои и по двапати. Одамна не ги гледам сите хорори што ќе излезат. Некако времето ми е све побитно и побитно. Можда затоа што стареам.

За разлика од мене,  на вампирите времето не би требало да им игра некоја битна улога во нивниот вечен живот. Тие веројатно се занимаваат со посуштински прашања кои произлегуваат од нивната бесмртност. Или можеби не…

Селски и градски вампирски филмови

Она што отсекогаш ме привлекувало кај вампирските филмови е атмосферата, која доаѓа до израз највеќе  преку сценографијата и сетингот (замок, рурална средина, зима, опасност…). Никогаш не ми личело како добра идеја вметнувањето на вампирите во модерна урбана средина, највеќе затоа што атмосферата не е таа. Не ми се допаѓаат вампири кои визуелно не се разликуваат од мноштвото луѓе во градот, исто се облекуваат и однесуваат. Се она што во мои очи го прави вампирот вампир, избледува во калабалакот на урбаниот сетинг и духот на модерното време.

The Fearless Vampire Killers (1967)

Вампирот е предаторот, селаните се жртвите. Тој наратив е јавен во класичните, да ги наречам рурални вампирски филмови, какви што се постарите Дракула-филмови, или The Fearless Vampire Killers на Полански, Носферату и др. Таму се знае, јавно, дека навечер нема излегување, лукови висат по вратите и цело време притисокот и теророт, односно опасноста, е јавна. Самата атмосфера е суреална и функционира во тој сетинг. Тие филмови обично се сместени во времето од  пред неколку века, додека вампирските филмови со урбан сетинг вообичаено се сместени во модерно време. Кај нив, антиподот е лоциран во перспективата на јавноста. Таа е ослободена од суеверијата на минатите векови, ерго – не насетува ништо. Кај јавноста нема општо позната смртна опасност од вампири, навечер.

 Во речиси сите, да ги наречам урбани вампирски филмови (Dracula 2000, Twilight и др.), вампирите главно се скриени, облечени како луѓе и се однесуваат баш како луѓето, никој не верува во нив и речиси цело време гледаме и сме сместени во средина, во која животот тече нормално и луѓето не се цело време исплашени. Во таквите филмови вампирите понекогаш не ни спијат во кофчези у подрум, него у кревети со спуштени ролетни и завеси преку ден. Како јас кога претходната вечер сум се напраил ќуп.

Глобалната атмосферата таму обично е сосема поинаква. Нема општа опасност.Освен во повремени, моментални изблици на насилство и вампирски ноќен терор, кои обично некако се незабележани од јавноста, успешно прикриени, па таа си продолжува со безгрижниот живот, не насетувајќи ништо, или барем е така се до кулминацијата. Секако, постојат исклучоци кои, според мене, успешно го менаџираат вампирскиот наратив во модерен сетинг (Blade, From Dusk Till Down, Lifeforce…), но тоа е подолга приказна.

What We Do in the Shadows

E еден од таквите, ретки урбани вампирски филмски продукти кои сепак функционираат, според моите лични поставки од погоре, успешно позајмувајќи елементи од класичните, рурални вампирски филмови, со чија помош ги надминува веќе споменатите проблеми кои ги имам, пред се, со атмосферата во урбаниот подтип.

Станува збор за филм и серија, кои се дел од бранот лажни документарци (mockumentary) и се комичен приказ на секојдневниот живот на неколку вампири – цимери, како Friends, но во куќа. Екипата го снима нивното секојдневие и проблемите со кои се судираат луѓето (во случајов вампирите) што живеат заедно. На пример: некој заклал некоја жртва и не си исчистил позади себе, оставил флеки на тепихот, или садовите никој не ги измил десет дена, треба сметките да се подмират а цимерите не оставиле пари, пукнала цевка, дошол водоинсталатер, ене го мртов – некој го јадел, нека се каже самиот кој е, сега он да ја поправи цевката и тн.  Сите оние меѓучовечки механизми кои владеат во дејствието на ситкомите од овој тип, се и тука присутни, но не на меѓучовечка, туку на меѓувампирска релација, што ги збогатува. Едноставно кажано, даваат вампирска перспектива на секојдневните банални проблеми во градското живеење.

Но, тоа не се оние модерни вампири, кои, за да бидат неприметени, се облекуваат и однесуваат како другите граѓани и живеат во модерни апартмани. Тука станува збор за битија од по неколку стотини години старост,  со автентичен, одамна утврден светоглед и традиции.

Да, живеат во високо урбана средина (Њу Јорк, Велингтон), но микросредината (куќата, дворот) им е класично вампирска. Поглемиот дел од сцените се токму таму и ништо од тамошната сценографијата или пошироко – атмосфера, не наведува на тоа дека дејствието се случува во мегалополис како Њу Јорк, или Велингтон. Куќата им е како онаа на Адамс Фемили од надвор, а внатрешноста личи на ентериерот во замокот на Дракула.  Однесувањето и облеката, исто така им се автентични, и кореспондираат со времето во кое живееле како луѓе, па така, суштински и визуелно, не се претопуваат целосно во градскиот калабалак, како што е вообичаено случај со вампирите во урбаните вампирски филмови. Како некој да ги откорнал ликовите и микросредината од оние класични, рурални, вампирски филмови и ги спуштил во модрен град. Таквата поставка можеби делува суреално, но одговара со жанрот и ги акцентира ликовите.

Ликовите го движат дејствието

Генерално, концептов ги експлоатира комичните конфликти кои би можеле да настанат при судирот на урабниот – модерен и исконскиот вампирски светоглед. Конфликтите од овој тип се поинтерсени поради колоритноста на протагонистите. Секое вампирско филмско клише има свој пародичен придонес во What We Do in the Shadows, a тоа највеќе паѓа во очи при опсервацијата на карактерите, чии профили се позајмени од најпознатите вампирски дела. Впечатливи и подржани од одличен кастинг, тие успеваат да ве пренесат низ сценариото без задржување, разменувајќи паметни дијалози со високо ниво на хумор за возрасни. Жанрот (mockumentary) налага ликовите да го носат дејствието, најчесто преку раскажување – директно обраќање кон ”документарната“ камера и преку спорадични акциони сегменти.

Во оваа прилика ќе се осврнам на два помалку некарактеристични, споредни, вампирски ликови. Едниот од филмот, а другиот од серијата.

Petyr

Petyr не се дружи со другите вампири. Не зборува артикулирано. Всушност, не зборува воопшто.  Цело време е во подрум, во својот вертикален ковчег и излегува само ако треба да се храни. Најчесто, тој е виновникот за сите непланирано убиени луѓе (обично мајстори, поштари и слично). Другите немаат некоја контрола врз него, ниту комуникација со него, освен кога ќе дојдат да му фрлат по некоја кокошка (за што помалку да излегува). Тој е најстариот вампир, постар од сите со илјадници години. Визуелно е типичен носферату-вампир, со шилести уши, голема ќелава глава, остар нос и уста со многу остри заби, баш како оној во истоимениот класик од 1922 г. Најстариот вампир во делово е земен од најстариот* вампирски филм – мал омаж кон Мурнау.

Colin Robinson

Е суштински најстрашниот вампир, од кој имаат страв сите други вампири, без разлика на нивниот статус и моќ. Навидум нема супер моќи. Не може да лета, не може да се претвора во лилјак, нема зголемени песјаци, не цица крв, нема моќ на телекинеза, ниту пак умее да хипнотизира некого…

Colin Robinson е административен работник во мала канцеларија-коцка (cubicle), какви што имаат чиновниците од најнизок ранг. Проќелав, белец во позно средно доба од животот, кој својот продуктивен врв успеал само до кјубикл да го истурка. Секогаш во кошула (често со пенкалца во џебот), пуловер и очила. Стандардно зборува со ужасно монотон и едноличен глас, за работи намерно лишени од супстанца и кои ама баш никого не го интересираат. Неговата појава и настап (монолог), предизвикуваат задолжително губење на енергијата на сите присутни во околината, независно дали се вампирски лордови од највисок ранг или обични луѓе од канцеларија. Можеби, до сега, веќе некој погоди – Colin Robinson е таканаречен енергетски вампир, кој не се храни со крв, туку со енергијата на присутните (сеедно кои се).

Вампирските моќи немаат никаков ефект врз него, па затоа сите вампири се обидуваат да го избегнат, а ако не успеат во тоа, обично брзо заспиваат од умор, поради рапидното губење на енергија, нешто што задолжително и се случува на околината, кога Колин ќе отвори уста. Затоа што сонцето не му влијае ама баш никако, тој може да оди на работа (во огромна канцеларија преполна со луѓе т.е. храна). Затоа што тоа е неговото хранилиште, тој сака да оди таму на работа. Притиснати во своите канцеларии-коцкичи, луѓето немаат каде да бегаат кога ќе им се појави на влезот во кјубиклот и ќе почне со својот досадно безличен монолог, преку кој ја впива нивната енергија.  Оди од кјубикл до кјубикл, како на шведска маса.

Да де, да, тоа се оние оние ликови од секојдневието на секого, покрај кои, како да се чувствуваме дека губиме енергија, заради нивниот начин на комуникација и “уникатна” идеја за тоа што би требало да вклучува регуларната комуникација. Авторот сака да ни каже дека тие се пострашни и од најстрашните вампири.

Жанровски ограничувања

Технички, камерата, кадрите, се ограничени од жанрот (mockumentary). Tие треба визуелно да го доловат документаристичкиот филмски пристап, иако, нели, станува збор за играна програма. Нема општ план и ред други типови на снимање кои се користат во играна програма, а има доста раскажувач-кадри кои се користат во документарците, крупни планови и финти што ги има во reality шоуа. Тука режисерот е прилично креативен и користи се што може, трудејќи се притоа да остане во рамките поставени од документаристичкиот жанр.

На пример, намерно брзо, невешто од ¾-тински, зумира во крупен план, за да долови тензичен момент и ад-хок реакција на екипата која снима, а низ чии леќи и гледаме цело време, освен во повремено избрани моменти, кога се крши тој ѕид, па се појавува некоја магична камера што ги снима и нив. На пример, кога треба да бегаат, бидејќи да се снима по цел ден куќа полна со вампири, знае и опасно да биде, понекогаш.

Авторите си играат со јачината на боите – сатурацијата, па го имаме оној стандарден хорор-пристап каде таа е намалена, освен во ретки моменти кога треба да се потенцира комичен или ужасен момент, е тогаш имаме пресатурирање. А покрај тоа има и послободно играње со неа, особено во серијата.

Препорачувам

What We Do in the Shadows е успешен независен филмски експеримент кој заслужено еволуира во франшиза, со серија од 4 сезони до сега. Пародирани вампирски шаблони не се ништо ново, но речиси секогаш успеваат. Па така и овој пат.  Особено затоа што, во случајов, имаме двајца талентирани автори кои стојат зад делото.

Серијата имаше добар прием, што не зачудува, а заработката од филмот пет пати ја надмина сумата која беше потребна за да се сними. Колку за потсетување, Дизни денес мака мачи да исфрли филм кој ќе биде во било каков плус.

Филмот (2014) е режисерско деби на комичарот Jermaine Clement. Всушност, станува збор за режисерска соработка со Taika Waititi, при што и двајцата глумат главни улоги. Додека пак серијата (2019) е потпишана само од првиот. Веројатно, по успехот на филмот, Taika Waititi почна се почесто да има попаметна работа во повисоките холивудски кругови, каде политички подобните владеат моментално и каде успеа да сними понекој филм и да уништи понекоја франшиза, сето тоа со променлив успех (Jojo Rabbit, Thor: Love and ThunderStar Wars incoming).

Освен тоа, помеѓу филмот и серијата, дуетов изнедри уште една лажно-документарна серија со слична тематика, која исто така ја препорачувам. Се вика Wellington Paranormal и во неа станува збор за трапави полициски Дилан Догови, кои се судираат со еден куп необјаснети феномени во далечниот Велингтон.

-^-^-

*- Не знам, можеби Носферату од 1922-ра не е најстар, ама е првиот познат и успешен вампирски филм, во историјата.

МАРКЕТИНГ

About The Author

RIP БлизКон

Еден од најпознатите настани кој што порано се чекаше со нетпрение, BlizzCon 2024 е откажан, објави компанијата во четвртокот.

„По внимателно разгледување во текот на минатата година, ние во Blizzard донесовме одлука да не го одржиме BlizzCon во 2024 година. Оваа одлука не беше донесена лесно бидејќи BlizzCon останува многу посебен настан за сите нас и знаеме дека многумина од вас со нетрпение го очекуваат.

Иако на оваа година пристапуваме поинаку и истражувавме различни формати на настани во минатото, бидете сигурни дека сме исто толку возбудени како и секогаш да го вратиме BlizzCon во идните години.

За да ги прославиме овие претстојни изданија и да ги зближиме нашите заедници на нови и посебни начини, наскоро ќе споделиме некои возбудливи планови за други трговски саеми и конвенции во индустријата, како што е Gamescom. Не можеме да дочекаме наскоро да ви кажеме повеќе за тие планови“.

Официјалната изјава од Blizzard

БлизКон вообичаено беше настан каде што Blizzard дава различни најави околу своите игри. Во 2023 година, Blizzard го искористи настанот за да ја открие првата експанзија на Diablo 4 наречена Vessel of Hatred, како и три експанзии за World of Warcraft и многу повеќе.

Што се однесува до плановите на Blizzard за оваа година, компанијата вели дека ќе ги сподели деталите за нејзините претстојни лансирања во текот на „следните неколку месеци“.

Компанијата ја затвори својата изјава велејќи дека се надева дека различните настани на кои присуствува ќе ја „доловат суштината“ на Blizzard.

SAD BLIZZARD FAN