Изминатата среда (5 април) го означи крајот на ажурирањата на Ghost Recon Breakpoint. Во твитот објавен на официјалниот Твитер профил на играта се вели: „Ние ќе продолжиме да ги одржуваме нашите сервери и за Ghost Recon Wildlands и за Ghost Recon Breakpoint, и навистина се надеваме дека ќе продолжите да уживате во играта и да се забавувате играјќи соло или ко-оп. со твоите пријатели.” И покрај крајот на Breakpoint, новата игра Ghost Recon влезе во развој.
Според Котаку, следното бомбастично поглавје во славниот воен универзум на Том Кленси е со кодно име ОВЕР. Наводно, насловот се работеше повеќе од една година и би можел да започне во 2023 година. Што се однесува до фандомите, овој брз пресврт би можел да биде добра работа. Неодамнешните искуства со Ghost Recon не го нашле истиот успех како другите наслови на Том Кленси како Rainbow Six и The Division. Точката на прекин, на пример, можеби ги отуѓи своите играчи откако Ubisoft ја имплементираше својата NFT-базирана Quartz бета во козметичката ротација на стрелецот.
Единствената најавена и прикажана главна игра Ghost Recon зад аголот е Frontline, „масовен PVP стрелец во прво лице со епски битки со над 100 играчи“ низ песокот наречен Drakemoor Island. Можете да прочитате повеќе за играта со услуга во живо овде. Со XDefiant, исто така, на хоризонтот, вреди да се размисли дали моделот на услугата во живо може да биде фокус и на мистериозниот проект OVER. Само времето ќе покаже.
Мистериозен воз, многу мрачна околина со загатки за без временско ограничување, но со мерење на вашето време. Зад сето тоа стојат тројца македонци, кои по години правење escape room игри решија да направат нешто многу поголемо.
Браќата Андреј и Иван Вулгаракис заедно со нивниот пријател Никола Гулевски го формираа студиото ClueHall, а првиот голем проект им е играта Operation Warp, што е многу забавна point-and-click авантура инспирирана од возови полни со тајни и од вистинската ЦИА програма MKUltra. Речиси две години работа со тим од талентирани локални уметници и програмери резултираа со игра што не бара конзола, инсталација ниту гејмерско искуство, само љубопитност и желба за решавање мистерии.
Место да ја промовираме само играта решивме да направиме едно интервју со дечките, при што разговаравме за почетоците, за предизвиците на независниот развој, за тоа како се прави загатка што е тешка, но фер, и за тоа зошто точно сега, во 2026 година, се вратија на овој жанр.
А на самиот крај на интервјуто ве чека и изненадување за сите читатели на GG.MK, па прочитајте го ова интервју до последното прашање.
За почеток, би сакал да ги запознаеме луѓето зад „ClueHall“. Кои сте вие, како се запознавте, кога започна вашата приказна со развој на видеоигри, и како се роди идејата да започнете сопствено студио за развој на видеоигри?
Зад ClueHall стоиме тројца луѓе – Андреј Вулгаракис, Иван Вулгаракис и Никола Гулевски. Двајца сме браќа, а третиот е другар уште од средношколските денови, така што се познаваме навистина долго време.
Нашата заедничка професионална приказна започна во 2020 година, кога го лансиравме Escape Room Geeks (escaperoomgeeks.com), бренд преку кој создававме escape room игри што луѓето можат да ги преземат, испечатат и играат во своите домови. Со текот на годините развивме повеќе игри, стекнавме публика од целиот свет и научивме многу за дизајнирањето загатки и создавањето интересни приказни.
По неколку години работа, во 2024 година почувствувавме дека сме подготвени за следниот чекор. Сакавме да го искористиме искуството што го имаме и да создадеме нешто поголемо, покомплексно и визуелно повпечатливо.
Така се роди идејата за ClueHall – нов бренд преку кој сакаме да создадеме дигитални авантури што ќе го донесат escape room искуството на едно сосема ново ниво.
Operation Warp, Clue Hall
Кој беше првиот чекор од идејата за создавање игри до формирањето на ClueHall? Со какви предизвици се соочивте на почетокот и што научивте од тој период?
Првиот чекор беше она што најмногу го сакаме – брејнсторминг! Размислувавме за потенцијални теми, приказни и механики за загатки, но и за тоа како сите тие елементи да ги поврземе во едно логично и интересно искуство.
Еден од најголемите предизвици беше токму тоа – да создадеме приказна во која загатките нема да изгледаат како нешто случајно додадено, туку како природен дел од светот што играчот го истражува.
Секако, многу важен чекор беше и формирањето на поширокиот тим. Тука ни се приклучија Марио Стојанов, кој работеше на 3D околините, моделите и осветлувањето, Никола Кочевски, задолжен за Unreal Engine, моделирањето, кинематските сцени и level design, Милијан Поповски, кој ги изработуваше илустрациите, концептите и корисничкиот интерфејс, и Андреј Стојковиќ, нашиот програмер.
Навистина сме среќни што имавме можност да работиме со овие луѓе. Секој од нив внесе огромна креативност, знаење и внимание кон деталите. Без нив Operation Warp немаше да биде ни приближно тоа што е денес.
Најважната лекција од почетокот беше дека идејата е само мал дел од процесот. Вистинскиот предизвик е сите тие идеи да ги претвориш во функционална и квалитетна игра.
Кои игри ги имате развивано досега и како би го опишале развојот на студиото од вашите први проекти до денес? Дали постои некоја од претходните игри што ви помогна да го пронајдете сопствениот креативен идентитет?
Operation Warp е нашата прва игра од ваков карактер, но далеку од првото искуство со создавање игри.
Преку Escape Room Geeks досега имаме развиено 13 printable escape room игри, наменети за различни возрасти, од најмалите до возрасни играчи. Имаме создадено и физичка escape room игра во кутија на македонски јазик, која е достапна преку houdini.mk.
Сите овие проекти на свој начин придонесоа за создавањето на Operation Warp. Низ годините научивме како луѓето размислуваат кога решаваат загатки, што им е интересно, што ги фрустрира и што им создава чувство на задоволство кога конечно ќе дојдат до решение.
Мислам дека токму преку тие игри го пронајдовме нашиот креативен идентитет. Нè привлекуваат мистерии, загатки и приказни во кои играчот не е само набљудувач, туку активно учествува во откривањето на она што се случува.
Operation Warp е природна еволуција на сето тоа, само во многу поамбициозен формат.
Operation Warp, Clue Hall
Ајде да преминеме на Operation Warp. Како започна приказната за играта? Кој беше првичниот момент на инспирација што ве натера да помислите дека токму ова е проектот на кој сакате да работите?
Идејата првично не започна со приказната за возот, туку со желбата да создадеме нов, поинаков и поголем производ од сè што имавме направено дотогаш.
Верувавме дека постои публика која ужива во escape room игри и решавање загатки, но не мора нужно да биде дел од традиционалната гејминг заедница. Луѓе кои немаат PlayStation, не користат Steam или едноставно не сакаат да инсталираат игри за да уживаат во едно добро гејминг искуство.
Затоа одлучивме да одиме во насока на веб-апликација – игра која ќе може да се отвори директно во интернет-прелистувач, без инсталации и дополнителен софтвер.
Сакавме да го задржиме она што луѓето го сакаат кај класичните escape room игри, но да го збогатиме со кинематски сцени, интерактивни околини, звук и многу посилно чувство на присуство во самата приказна.
Од таа желба постепено се разви Operation Warp.
Кога првпат почнавте да ја развивате идејата, дали веќе имавте јасна слика за тоа каква игра сакате да создадете или концептот се менуваше значително во текот на развојот?
Од самиот почеток знаевме каков тип на искуство сакаме да создадеме. Бидејќи веќе со години работиме со escape room игри, бевме сигурни дека загатките и истражувањето ќе бидат во центарот на играта.
Исто така, уште на почетокот одлучивме дека играта треба да биде достапна директно преку интернет-прелистувач, без потреба од конзола или инсталација.
Она што не го знаевме беше точната тема, приказната и начинот на кој сите елементи ќе се поврзат.
Имавме повеќе идеи, од кои некои ги отфрливме, а други постепено ги развивавме. Откако го дефиниравме концептот со мистериозниот воз, работите почнаа природно да се надоврзуваат една на друга.
Би рекол дека основната визија остана иста од почетокот до крајот, но светот, атмосферата и деталите значително се збогатуваа во текот на развојот.
Што ве привлече кон приказната, светот и атмосферата на Operation Warp? Кои филмови, книги, други видеоигри или елементи од поп-културата оставија најголемо влијание врз нејзиното создавање? Можеби нешто Back to the Future и Snowpiercer можеби?
Идејата за мистериозен воз ни беше интересна уште на самиот почеток. Возот е специфична средина – ограничен простор, вагони што кријат различни тајни и чувство дека се движиш кон нешто непознато. Ни изгледаше како одлична основа за escape room игра.
Паралелно со тоа, нè привлече и темата за контрола на човечкиот ум. Интересна ни беше идејата колку човековата перцепција може да биде под влијание на надворешни фактори, информации и манипулација. Тоа е тема која на некој начин може да се поврзе и со современиот свет и влијанието на медиумите.
Додека ја истражувавме темата, наидовме на вистинскиот проект MKUltra – тајна програма на американската ЦИА од периодот на Студената војна, во која се истражувале различни методи за влијание врз човечкото однесување.
Кога сфативме дека зад оваа навидум филмска идеја стојат вистински историски експерименти, добивме дополнителна инспирација за приказната.
Сакавме да земеме одредени историски и психолошки мотиви и да ги претвориме во нешто сосема свое – оригинална мистерија, со сопствен свет, атмосфера и приказна што постепено се открива пред играчот.
Operation Warp, Clue Hall
Е сега, во време кога голем дел од индустријата се фокусира на реализам, на акција и сè посложени механики, вие се одлучивте за point-and-click авантура. Зошто токму овој жанр во 2026 година? Дали станува збор за љубов кон класичните авантури, за свесен креативен избор или за нешто сосема друго?
Пред сè, тоа беше свесен избор кој произлезе од типот на искуство што сакавме да го создадеме.
Нашата цел не беше да направиме игра во која се потребни брзи рефлекси, познавање сложени контроли или претходно гејминг искуство. Сакавме во центарот да бидат логиката, набљудувањето, љубопитноста и чувството на откривање.
Point-and-click форматот совршено одговара на тој пристап. Играчот може да се фокусира на околината, приказната и загатките, без да размислува како да го контролира ликот.
Дополнително, сметаме дека постои голема група луѓе кои би уживале во вакви игри, но не се класични гејмери. Со тоа што играта се игра во прелистувач, сакаме да ја направиме што е можно подостапна.
Не мислиме дека секоја наша идна игра мора да биде point-and-click, но за Operation Warp овој формат беше вистинскиот избор.
Кој дел од развојот на Operation Warp ви одзеде најмногу време или ви создаде најголеми проблеми? Дали имаше некоја механика, сцена или идеја што изгледаше едноставно на хартија, но се покажа како особено тешка за реализација?
Дефинитивно постпродукцијата и спојувањето на сите елементи во една функционална целина.
Искрено, не очекувавме дека овој дел ќе одземе толку многу време. Кога работиш на ваков проект, имаш повеќе паралелни процеси – 3D околини, анимации, кинематски сцени, илустрации, звук, програмирање, монтажа и веб-интеграција.
Секој од членовите на тимот си ја заврши работата одлично, но на крајот сите тие елементи треба да функционираат беспрекорно заедно. Токму тоа се покажа како посложен процес отколку што првично очекувавме.
Што се однесува до самите механики и загатки, тука бевме доста внимателни уште во фазата на планирање. Пред да се одлучиме за некоја идеја, разговаравме со тимот дали и на кој начин може да се реализира.
Благодарение на тој пристап, немавме некоја голема механика што моравме целосно да ја отфрлиме затоа што била технички неизводлива.
Но дефинитивно научивме дека за идните проекти треба да планираме многу повеќе време за финалното поврзување и полирање на играта.
Како го балансиравте предизвикот на загатките? Кога создавате point-and-click игра, како да направите загатката да биде доволно тешка за да предизвика задоволство кај играчот, но не и толку нејасна што ќе го натера да се откаже?
Тука мислам дека најмногу ни помогна искуството од претходните escape room игри.
Со години создаваме загатки, ги тестираме со различни луѓе и ги анализираме нивните реакции. Со текот на времето стекнавме чувство колку одредена загатка би можела да биде тешка и приближно колку време би му одзела на просечен играч.
Но тоа никогаш не е точна наука. Некој може да реши навидум сложена загатка за две минути, а потоа да заглави на нешто што сме сметале дека е многу едноставно.
Се трудиме секоја загатка да има логика и играчот, кога ќе го открие решението, да си каже: „Аха, сега ми е јасно!“
За нас тоа е најважно. Не сакаме загатките да бидат тешки само за да бидат тешки. Сакаме да бидат предизвикувачки, но фер.
Затоа и Operation Warp нема временско ограничување. Играчите можат да размислуваат, да истражуваат и да го решаваат секој предизвик со сопствено темпо.
Operation Warp, Clue Hall
Колку се менуваше играта во текот на развојот врз основа на тестирањето и повратните информации? Дали имаше некоја идеја за која бевте убедени дека ќе функционира, но играчите ве натераа да ја преиспитате?
Интересно е што Operation Warp не претрпе некои големи промени во текот на тестирањето.
Имавме неколку помали корекции, доработки и прилагодувања, но основната структура на играта, приказната и најголемиот дел од загатките останаа исти.
Мислам дека голема улога во тоа имаше нашето претходно искуство. Веќе имавме прилично добра претстава како луѓето реагираат на одредени типови загатки и кои работи потенцијално би можеле да создадат проблем.
Секако, тестирањето секогаш е многу важен дел од процесот. Кога со месеци работиш на иста игра, сè ти изгледа логично бидејќи ги знаеш сите решенија. Но кога ќе седне некој што првпат ја гледа, веднаш добиваш поинаква перспектива.
Токму затоа повратните информации од играчите ни се многу важни и ќе продолжиме внимателно да ги следиме и по лансирањето
Независните студија често мораат да прават компромиси меѓу амбициите и расположливите ресурси. Кои беа најважните компромиси што ги направивте при развојот на Operation Warp и постои ли нешто што би сакале да сте имале повеќе време или средства да го реализирате?
Секако дека имаше компромиси. Operation Warp е независен проект што го развивавме со однапред дефиниран буџет, па моравме внимателно да одлучуваме каде ќе ги насочиме ресурсите.
Најголемиот дел од компромисите беа поврзани со продукцијата – колку сложени сцени можеме да реализираме, колку детали да вклучиме и како да постигнеме најдобар можен резултат со средствата што ги имаме.
За среќа, уште при осмислувањето на играта бевме во постојана комуникација со тимот, па можевме навреме да процениме што е реално изводливо, а што би барало несразмерно многу време и ресурси.
Сепак, ако има нешто што би сакале да сме имале повеќе, тоа е време и буџет за дополнителна содржина.
Со задоволство би ја направиле играта уште подолга, со повеќе простории, повеќе загатки и дополнителни моменти за истражување.
Но на крајот мислам дека успеавме да создадеме заокружено искуство со кое сме навистина задоволни.
Дали сметате дека денес постои доволно публика за нови point-and-click авантури, вклучително и меѓу помладите играчи кои можеби не пораснале со класичните наслови од овој жанр? Како планирате да допрете до нив, без притоа да ја изгубите публиката што веќе ги сака ваквите игри?
Ние веруваме дека постои, а сега ќе имаме можност и да видиме како тоа ќе се покаже во практика.
Мислам дека љубовта кон мистерии и решавање загатки не е ограничена на одредена генерација. Можеби помладите играчи не пораснале со класичните point-and-click авантури, но тоа не значи дека не би уживале во слично искуство претставено на современ начин.
Токму затоа се обидовме Operation Warp да биде визуелно привлечна, интуитивна и лесно достапна, дури и за луѓе што не играат видеоигри редовно.
Имаме и една предност – преку Escape Room Geeks веќе изградивме заедница на луѓе кои сакаат загатки и escape room игри. Веруваме дека дел од нив ќе уживаат и во Operation Warp.
Сепак, ClueHall не го замислуваме како студио што ќе биде ограничено исклучиво на еден жанр. Се надеваме дека во иднина ќе експериментираме и со различни формати и типови игри, сè додека ја задржуваме нашата љубов кон мистериите и добрите приказни.
Operation Warp, Clue Hall
Како би сакале играчите да се чувствуваат кога ќе ја завршат Operation Warp? Што е она што би сакале да го запомнат од играта, освен самото искуство со решавање на загатките и истражување на нејзиниот свет?
Најмногу би сакале, додека ја играат, целосно да заборават на светот околу нив.
Да седнат пред компјутер, да влезат во приказната и следните неколку часа да бидат толку внесени во мистеријата што ќе заборават што им се случувало во текот на денот.
Сакаме да имаат чувство дека навистина биле дел од тој свет, дека ги истражувале вагоните, ги откривале тајните и чекор по чекор сами стигнале до вистината.
Исто така, многу ни е важно да се избегне непотребната фрустрација. Сакаме загатките да бидат доволно предизвикувачки за играчот да почувствува вистинско задоволство кога ќе ги реши, но не и да го натераат да се откаже од играта.
Ако на крајот играчот почувствува задоволство од решената мистерија, а воедно му биде малку жал што авантурата завршила, тогаш сме ја постигнале целта.
И нормално за крај… Кога ќе ја видиме целосно играта и што ви е потребно од луѓето што го читаат ова сега?
Добрата вест е дека нема потреба повеќе да чекате! 🙂
Operation Warp е официјално достапна од 30 октомври 2026 година и може да се најде на https://cluehall.com/.
Играта се игра директно преку интернет-прелистувач, без никаква инсталација, а може да ја играте самостојно или заедно со пријателите.
Она што би сакале од луѓето што го читаат ова е да ѝ дадат шанса на играта и да ни го кажат своето мислење. Навистина ни значи секоја повратна информација, без разлика дали е позитивна или критичка, бидејќи токму тоа ни помага да бидеме подобри во следните проекти.
А како мало благодарение до GG.MK и нивните читатели што ни даваат простор да ја споделиме нашата приказна, подготвивме и ексклузивен попуст од 20% за Operation Warp. Доволно е при купувањето на cluehall.com да го внесете кодот GGMK20.
И за крај, нешто на што сме особено горди – Operation Warp е 100% македонски производ, создаден од талентирани луѓе од нашата земја.
Речиси две години работевме на овој проект и навистина сме возбудени што конечно можеме да го споделиме со публиката.
Се надеваме дека ова е само почеток на многу нови авантури што ќе произлезат од ClueHall