Многу е убаво чувството да си гејмер во Македонија последниве години. Сакса освојува мејџор, две години по ред светски шампиони во аматерски CS:GO, и сега уште една вест која според мене е во некои аспекти поголема и од таа за Сакса! Не знам колкумина се упатени бидејќи нашиот гејмерски свет е толку разгран, и интересите ни се на сите страни, истиот тим кој освои светски аматерски првак два пати по ред во CS:GO, се обидоа и на професионалната сцена и беа во топ 30 тимови во свет и во одредени случаи победуваа топ 10 ранкирани тимови или играа блиски натпревари со нив. Кратко кажано тоа е многу лудница да се види и да се доживува! Нешто што треба сите ние да се гордееме бидејќи ретко кој може да го направи овој успех!
Ростерот се состоеше dan1, aidKiT, CacaNito, stYleEez и kyxsan, и во годиниве назад играа под знамето на повеќе тимови како QSKE Gaming, GG, Airlya, но наголемите успеси ги покажаа во тимот Bluejays.
За жал таа приказна заврши годинава…
Беше убаво да се гледа ростер составен од комплетно македонски играчи,кои ни го дадоа задоволството да ги чекаме нивните натпревари со пиво и грицки, како кога обичните смртници чекаат да игра нашата фудбалска репрезентација. Убаво беше и во овој спорт да можеме да се дереме пред екран:
МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА !!!
По завршувањето на договорот со Bluejays, дечките се пуштија во акција да бараат нов тим, но бидејќи нивните резултати не беа за потценување исто како и нивните специфични индивидуални таленти, и со тоа Kyxsan и CacaNito добија понуди од други странски тимови кои и двајцата ги прифатија.
CacaNito доби понуда од ATK, a Kyxsanод APEKS.
CacaNito имаше лоша среќа во периодот на адаптација со тимот, му се погоди да треба да игра со едни од најголемите имиња на CS:GO сцената како Astralis, Liquid, ENCE, FORZE и апкамери како Bad New Eagles кои се во таква форма што го исчистија поранешниот шампион FAZE во квалификациите.
Од друга страна судбината на Kyxsan беше и се уште е посветла, но има повеќе од приказната тука, затоа мора малку поопширно да ја разработиме.
Најтешката позиција за играње во CS:GO e IGL (in-game leader), тие луѓе се „научниците“ во оваа игра. Покрај тоа што е потребно да го водиш тимот, да гледаш што се случува на твојот екран, да ја читаш играта на противниците, да наоѓаш начини за надмудрување на нивната игра, да носиш одлуки за економија, и да повторам, да си 100% фокусиран на тоа што ти е пред екранот и ефективен во пукањето, тоа е подвиг кои многу малце можат да го прават дури и во пониските слоеви на компетитивен CS:GO. Да го правиш тоа во најврвната класа во топ 30 тимови во светот треба да си на некое сосема друго ниво. Не е лесно да се најде добар „пукач“ кој ќе се вклопи во еден тим во толку високо ниво, ама да се најде добар IGL кој е спремен ментално да носи одлуки под притисок, да ги чита одлуките и ефективно да ги надмудрува противниците во светска класа на компетиција е речиси невозможно.
Приказната почнува така што APEKS еден тим во топ 30 екипи поради недостаток на IGL паѓа на 128 место на листата. Тим кој е составен од ветерани и млади таленти, за кој се гледа дека имаат се што треба за да може да се борат и со тимовите од топ 10, има нешто што им недостасува, тоа е добар IGL .
Тука во приказната влегува Киксан.
Добива шанса да ги покаже своите способности и таленти во овој тим и за негова среќа првите натпревари ги играат против добри тимови ама сепак, ништо во топ 30.
И така беше се додека не дојдоа квалификациите за MAJOR.
Кога почнаа APEKS да се соочуваат со тимови од врвот на класата како FAZE, тука почна нашиот Киксан да доаѓа до израз. Дали пораз или победа, секој тим јако се намачи да игра против играта на Киксан. За кратко време се виде дека веќе во светот не постои тим кој е безбеден и може да ги земе здраво за готово, или да гледа на нив како сигурна победа. Како се поплочуваше патот кон MAJOR-от се поочигледни стануваа талентите на Киксан за таа позиција. Кастерите почнаа да го споменуваат неговото име како пример и додека се играа сосема други натпревари. Во повеќе наврати беа спомнувани негови одлуки и тактики и преку него ја дефинираа, цитирам „новата генерација на IGL која гледа сосема поинаков агол на CS GO, нови стандарди на кои сеуште не сме навикнале“.
Но тука не застана да се одмотува клопчето околу Киксан. По квалификувањето на APEKS на MAJOR, веднаш по победата, пост мечот интервју даде соиграчот на Киксан Joakim “jkaem” Myrbostad. Тоа е играч кој е ветеран во играва, и кој поголемиот дел од својата кариера го има поминато играјќи во класа на Топ5 тимови како FAZE и G2, долги години борејќи се рамо до рамо и против „crème de la crème“ играчите во оваа игра.
Во самото интервју веднаш по прашањето за импресиите како се чувствува во моментот и за моменти од самиот меч, дојде прашањето за Киксан, бидејќи само тој е единствената промена од кога беа 128 место во светот па се до овој голем момент, квалификување на MAJOR.
Тоа што jkaem го кажа на интервјуто,им даде на знаење на сите за каква големина на IGL се работи.
Тој рече:
„Да, Киксан се вклопи одлично во тимот, во последниот период имавме тренинзи со многу играчи, дадовме шанса на многу играчи, но од кога се појави Киксан, сфативме дека тој е ОЧИГЛЕДНИОТ избор “.
Joakim “jkaem” Myrbostad
Убаво е што многу кратко по успехот на Сакса гледаме нов човек кој покажува голем потенцијал во гејминот, и не само тоа, туку покажува следно ниво во подобрување во самата игра само поради неговото уникатно видување на играта. Ако го земеме фактот дека Сакса не стави на мапата, Киксан со ова што го покажа до сеа, има потенцијал да стане легенраден играч и да послужи како пример на многу следни генерации кои доаѓаат во CS GO.
Сите го сакаме Сакса, и беше жалосно што неговото име не стана толку големо се до 2022, се дури не стана светски шампион, иако многу порано човекот беше легитимен на DOTA сцената. Прв во ранкинг на светско ниво долги години, едно второ место на најголемата сцена, финансиски осигуран долги години (нормално, тоа е мерилото кај нас за успех). Ајде да не ја направиме таа грешка со Киксан, кога веќе светот се чуди на неговите способности, кога веќе врвот на класата се „поти“ да се бори против неговата тактика, ајде барем ние да му ја дадеме почитта што ја заслужува.
Киксан има 22 години, има барем уште 5 години игра во „пикот“ на своите способности. Потенцијалот е огромен, исто како оној на Сакса, вреден за споменување, и вреден за следење. Тој е човекот кој ќе охрабри една следна генерација на млади деца да тргнат по тој пат, и во најмала рака ќе ги прошири хоризонтите за тоа што е гејминг на ова наше поднебје. Вакви успеси го легитимираат гејмингот како појава, според моето искуство не само како забава, туку и како индустрија кај нас. Не само што младите се трудат да станат професионални играчи, туку и повеќе се вработуваат во гејминг индустрија како девелопери, дизајнери, QA и се што нуди индустријата.
И да одговорам на прашањето што го поставив во насловот.
Дали Киксан ќе биде новиот Сакса?
Да, искрено се надевам дека да, се надевам дури и дека ќе биде поголем.
А на нас останува на какво ниво ќе ги претставуваме нашите квалитетни луѓе пред општеството, дали ќе чекаме Киксан некаде во иднина да освои „светско“ за да го направиме битен пред обичните смртници, или тоа ќе се трудиме да го направиме уште сега.
Очигледно е дека кај нас се раѓа квалитет и потенцијал, дали тој ќе го воздигнуваме или и негуваме дури расте, или само ќе се гордееме со неговите успеси, многу зборува за нас.
ГТА 6 е една од најочекуваните видео игри во историјата на гејмингот и гејминг индустријата. По повеќе од една деценија шпекулации, гласини, огромни протекувања и безброј прашања кога конечно ќе пристигне следното продолжение на легендарниот серијал. Рокстар Гејмс се подготвуваат повторно да нè вратат во светот кој не сме го виделе од раните 2000-ти години. После толку време ќе се вратиме во фиктивниот свет и регион познат како „Вајс Сити“. Но, за да разбереме зошто ГТА 6 предизвикува толкава возбуда, мораме да се вратиме малку наназад. Поточно, во септември 2013 година.
Тогаш PlayStation 3 и Xbox 360 сè уште беа актуелни конзоли, паметните телефони изгледаа поинаку, ТикТок не постоеше, а светот сè уште не знаеше колку време ќе помине пред да ја добие следната Grand Theft Auto игра. Рокстар Гејмс ја објави ГТА 5, нè однесе во фиктивниот град Лос Сантос и ни ги претстави карактеите Мајкл, Френклин и Тревор. Тогаш веројатно никој не ни помислуваше дека ова ќе биде играта во која ќе поминеме добар дел од следната деценија. Во меѓувреме, ГТА 5 стана многу повеќе од обична видео игра. Во рок од 13 години се искачи на третото место за најпродавани игри во историјата со повеќе од 235 милионии копии продадени на сите платформи.
Додека ГТА 5 продолжуваше да бележи огромен успех, а ГТА Online постепено прераснуваше во сопствен гејминг-феномен, прашањето за следното продолжение стануваше сè погласно. Гејмерите веќе почнаа да се прашуваат кога Рокстар Гејмс конечно ќе го најави следното поглавје.
Rockstar Games, Rockstar VI
Плановите за ГТА 6 започнале многу порано отколку што јавноста почна да претпоставува. Според Роб Нелсон, еден од раководителите на „Роксар Нортх“, уште во 2015 година дел од тимот отпатувал во Мајами за да ги прави целосните истражувања и анализи за проектот. Проектот тогаш го носел кодното име „Проџект Америкас“, а првичните амбиции биле многу поголеми. Идејата била играта да опфати огромни делови од Северна и Јужна Америка, со повеќе локации и можност за патување меѓу нив. Но, плановите не се одвивале толку едноставно.
Рокстар Гејмс во истиот период работеа и на другиот огромен наслов во тоа време „Red Dead Redemption 2“, проект кој постепено станувал сè поголем и барал ангажман од речиси сите студија на компанијата од целиот свет.
Како резултат на тоа, работата на ГТА 6 била поместена во втор план, а голем дел од ресурсите биле насочени кон завршувањето на вестерн-авантурaта која пристигна во 2018 година. Првичната замисла за огромна мапа што ќе опфаќа делови од двата американски континента подоцна била намалена на „Вајс Сити“ и околните области. Токму во 2018 година започнаа и првите посериозни шпекулации во јавноста. На 6 март, Јутјуб каналот „The Know“ објави видео во кое, повикувајќи се на анонимен извор близок до Рокстар, тврдеше дека следната ГТА ќе го носи кодното име „Project Americas“. Според тогашните информации, играта требало да се одвива во модерна верзија на Вајс Сити, но и да овозможи патување до делови од Јужна Америка.
Во следните години интернетот беше преплавен со наводни мапи, фотографии, информации од анонимни извори и теории за тоа како ќе изгледа ГТА 6. Во 2019 година се појавија шпекулации за приказна сместена во седумдесеттите и осумдесеттите години, со протагонист по име Рикардо, додека други тврдеа дека играта ќе има огромен свет инспириран од повеќе јужноамерикански градови. Се појавуваа и наводни протечени мапи, од кои голем дел подоцна се покажаа како целосно измислени.
Rockstar, од друга страна, продолжуваa да молчат и да ги негрираат информациите. Со тоа шпекулациите станаа поголеми.
Rockstar Games, Rockstar VI
Во меѓувреме, развојот на играта се соочил со дополнителни предизвици. Ковид-19 пандемијата ги испрати вработените да работат од дома, а студиото морало да ги прекине многу важните детали од нивната работа во студија за снимање движења и перформанси. Во интервју за Блумберг во октомври 2026 година, Нелсон опиша дека тимот поминал низ тежок период во кој сè уште се обидувал да ја дефинира конечната визија за играта. До крајот на 2019 година, раководството веќе ја имало основата на приказната за Џејсон и Луција, но голем дел од дизајнерските одлуки и системите во играта сè уште биле во развој.
Иако низ годините се појавуваа гласини дека проектот бил откажуван или целосно започнуван од почеток, нема официјални докази дека ГТА 6 некогаш била целосно откажана. Станува збор за долготраен процес во кој првичните планови биле менувани, дел од амбициите биле намалени, а развојот бил успорен поради други големи проекти и надворешни околности.
Првата официјална потврда дека Rockstar работи на следната Grand Theft Auto игра пристигна дури на 4 февруари 2022 година. Во кратко соопштение, компанијата потврди дека активниот развој на новото продолжение е во тек и дека нејзината цел е значително да го надмине она што претходно го понудила. Не беше објавено ни име, ни трејлер, никаква локација, датум на излегување не постоеше, но за гејмерската заедница тоа беше доволно.
Само неколку месеци подоцна, во септември 2022 година, следеше уште еден настан кој ја обиколи целата гејминг-индустрија. Непознат хакер објави десетици видеа од рана развојна верзија на ГТА 6, со вкупно околу 50 минути материјал. На снимките можеа да се видат делови од играта во развој, вклучувајќи ги Вајс Сити, главните ликови и некои од механиките. Рокстар Гејмс потврдија дека претрпела неовластен упад во својата мрежа и дека биле украдени доверливи информации, меѓу кои и снимки од новата игра. Компанијата изрази разочарување што материјалите биле објавени на тој начин, но истовремено порача дека инцидентот нема долгорочно да влијае врз развојот на проектот. За игра која со години се чуваше во строга тајност, ова беше огромен удар.
Декември 2023 – конечно го добивме првиот трејлер
По речиси две години од официјалната потврда дека се работи на следната игра, Рокстар Гејмс конечно ставаат крај на тишината. На 8 ноември 2023 година, ко-основаrчот и претседателот на компанијата, Сем Хаузер, објави дека првиот трејлер за следната ГТА ќе пристигне на почетокот на декември, во месецот кога Рокстар Гејмс го одбележуваше својот 25-годишен јубилеј.
Возбудата меѓу фановите беше огромна. На 1 декември компанијата потврди дека трејлерот ќе биде премиерно прикажан на 5 декември во 15:00 часот. Но, планот не издржа ни до закажаната премиера. Вечерта на 4 декември, на социјалните мрежи се појави протечена верзија од трејлерот, со низок квалитет и жиг. Рокстар реагираше брзо и реши да ја објави официјалната верзија порано од планираното, со кратка порака дека трејлерот протекол и дека фановите треба да ја погледнат вистинската снимка на Јутјуб.
И така, по повеќе од десет години чекање, конечно го видовме првиот официјален поглед кон Grand Theft Auto 6.
Во нешто повеќе од минута и половина, Рокстар ни го претстави фиктивниот свет Леонида, измислената американска сојузна држава инспирирана од Флорида, со неонските улици, плажите и препознатливата атмосфера на Вајс Сити. Трејлерот ги откри и двајцата главни протагонисти – Луција и Џејсон, криминален пар чија приказна очигледно ќе биде еден од централните делови на играта.
Особено внимание привлече Луција, која стана првата жена протагонистка во главната приказна на серијалот со можност за играње во модерната ера на Grand Theft Auto. Уште првите кадри ја прикажаа во затвор, а потоа ја видовме заедно со Џејсон во свет полн со криминал, забави, луди интернет-трендови и препознатливи ситуации што Рокстар ги користи за да ја исмева современата американска култура.
Кога Rockstar го објави првиот трејлер, најавата беше дека играта ќе пристигне во 2025 година. Неколку месеци подоцна, во мај 2024 година, Take-Two Interactive, матичната компанија на Rockstar, го стесни периодот на излегување на есента 2025 година. По толку долго чекање, фановите конечно имаа барем приближен рок кога ќе можат да ја видат играта.
Но, на 2 мај 2025 година пристигна првото големо разочарување. Рокстар објави дека играта нема да излезе во есента истата година, туку на 26 мај 2026 година. Компанијата им се извини на фановите за дополнителното чекање и објасни дека им е потребно повеќе време за да ја заврши играта на нивото на квалитет што публиката го очекува од неа.
Одложувањето беше разочарувачко, но многумина се надеваа дека дополнителните месеци ќе бидат доволни. Четири дена подоцна, на 6 мај, Rockstar го објави и вториот трејлер, со нови сцени од играта, повеќе детали за Џејсон и Луција и прв поголем поглед кон животот во Леонида. Возбудата повторно се врати, а датумот 26 мај 2026 година стана новата цел за фановите.
Сепак, ни тој датум не беше конечен. На 6 ноември 2025 година, Рокстар објави дека ГТА 6 повторно се одложува, овојпат за 19 ноември 2026 година. Во соопштението компанијата наведе дека дополнителното време е потребно за да го доврши проектот и да го испорача квалитетот што играчите го очекуваат. Со ова, играта беше поместена за речиси шест месеци од претходно најавениот датум.
Два одложувања за помалку од една година, а со секое ново соопштение фановите добиваа уште малку трпение како задолжителен дел од ГТА искуството. Интернетот, се разбира, не пропушти да се пошегува на сметка на постојаното поместување на датумот, но зад шегите остануваше едно прашање: дали Рокстар конечно ќе го испочитува и овој рок? На 17 ноември 2026 година, официјалниот датум на излегување останува 19 ноември. По тринаесет години од ГТА, речиси три години од првиот трејлер и две одложувања, до излегувањето на играта остануваат само два дена.
По сите одложувања, трејлери и години чекање, ГТА 6 конечно влезе во последната фаза пред излегувањето. Во јуни 2026 година Рокстар ги отвори преднарачките, со што играта и официјално почна да се подготвува за своето лансирање. На располагање беа две изданија – Standard Edition и Ultimate Edition, која вклучува дополнителни дигитални содржини поврзани со приказната на Џејсон и Луција. Сите што ќе ја купат играта пред 20 ноември добиваат и Vintage Vice City Pack, со предмети инспирирани од препознатливиот изглед на градот.
Во последните недели пред лансирањето, Рокстар продолжи да го гради интересот со нови материјали. На официјалната страница се појавија дополнителни снимки од играта, галерија со слики од Леонида, како и повеќе информации за музиката што ќе го придружува патувањето низ Вајс Сити и околината. Компанијата постепено откриваше нови детали за светот, неговите жители и атмосферата, но истовремено продолжи да чува голем дел од приказната и изненадувањата во тајност.
Цел Мајами е во изглед на Вајс Сити
Најголемиот дел од промотивната кампања беше насочен во Мајами. Рокстар реши да ја искористи таа поврзаност и буквално да го претвори вистинскиот град во промотивна верзија на светот од играта.
На улиците се појавија билборди од фиктивни компании, фиктивни телевизиски станици, ресторани и ноќни клубови што постојат само во играта. Наместо обични реклами за самата игра, минувачите можеа да видат промоции за „Weazel News“, автомобилската компанија „Coil“, радиостаницата „Chamber 106.6“ и други брендови од универзумот на играта. На плажите во Мајами Бич беа поставени розови и сини чадори и лежалки со ознаките на Vice City, а низ градот се појавија тематски автобуси, возила и големи мурали со Џејсон и Луција.
Еден од највпечатливите потези беше огромниот натпис „Welcome to Vice City“ поставен на покривот на „Kaseya Center“, арената во која настапува кошаркарскиот тим „Мајами Хит“. Целата кампања беше толку голема што локалните власти на округот Мајами-Дејд објавија промотивен пакет вреден 3,9 милиони долари, кој опфаќа рекламирање на меѓународниот аеродром, пристаништето и низ јавниот транспорт. Дел од договорот со Рокстар беше и самиот натпис на арената.
Интересно е што оваа промоција отвори и локална дебата. Некои претставници на властите се спротивставија на користењето јавни ресурси за рекламирање игра во која има криминал и насилство, додека други сметаа дека градот треба да ја искористи светската популарност на GTA 6 за да привлече внимание и посетители.
Иако Мајами беше центарот на кампањата, Рокстар не ја ограничи промоцијата само на градот што го инспирираше Вајс Сити. Во неделите пред излегувањето, големи реклами со Џејсон и Луција се појавија во Њујорк, Лос Анџелес, Чикаго, Париз, Лондон, Виена, Келн, Варшава, Мадрид, Барселона и Лисабон. Кампањата стигна и до Токио, Тајпеј, Сингапур, Хонг Конг и Мелбурн.
Во некои градови беа поставени огромни билборди и дигитални екрани, додека на други локации цели фасади на згради беа покриени со промотивни илустрации. Во Париз, на пример, рекламата на кулите Les Mercuriales привлече особено внимание, со огромни прикази на главните ликови и датумот на излегување. Во Лондон, промоцијата се појави и на фасади и во големи трговски центри, а во други градови беа забележани автобуси целосно обложени со визуелниот идентитет на играта.
Целта беше едноставна, каде и да се наоѓаат фановите, да добијат впечаток дека ГТА 6 е насекаде. И секоја фотографија од нов билборд, мурал или автобус дополнително ја ширеше кампањата на интернет, без Рокстар да мора да објавува посебна реклама за секоја локација.
Една од најинтересните соработки е договорот со NBA тимот Мајами Хит. На 18 ноември, ден пред официјалното излегување на играта, тимот ќе настапи под името Вајс Сити во специјален настан наречен „Ноќ во Вајс Сити“. За таа пригода се подготвени специјални дресови во црна и розова боја, тематски кошаркарски терен и производи со визуелниот идентитет на играта.
Музиката отсекогаш била еден од најпрепознатливите делови на серијатлот. Радиостаниците, водителите, рекламите и песните што ги слушаме додека возиме низ градот често стануваат исто толку незаборавни колку и самите мисии. Студиото добро знае дека музиката е важен дел од идентитетот на серијалот, па затоа и промоцијата на играта ја искористи за да создаде дополнителна возбуда, но и да ја претстави атмосферата на светот во кој ќе се одвива играта.
Уште во првиот трејлер се покажа колку добро Рокстар знаат да изберат песна што ќе остане поврзана со играта. За музичка подлога беше избрана „Love Is a Long Road“ од Том Пети, песна објавена во 1989 година на неговиот албум „Full Moon Fever“. Изборот се покажа како полн погодок. Песната се вклопи со приказната за Џејсон и Луција, но и со атмосферата на Флорида, од каде што потекнуваше самиот Пети.
Ефектот беше видлив и на музичките платформи. Според податоците што Спотифај ги сподели со „Universal Music Publishing Group“, слушањата на песната по објавувањето на трејлерот се зголемиле за неверојатни 36.97 отсто во споредба со претходната недела. Со други зборови, песна стара повеќе од три децении одеднаш доби нова публика благодарение на видео игра.
Слична приказна се повтори и со вториот трејлер, објавен во мај 2025 година. Овојпат студиото ја избра „Hot Together“ од The Pointer Sisters, песна од 1986 година. Само два часа по објавувањето на трејлерот, слушањата на песната на Спотифа пораснале за 182 отсто во споредба со истиот период една недела претходно.
Но, студото не застана само на изборот на музика за трејлерите. На 27 август 2026 година беше објавен и „Grand Theft Auto VI: An Extended Look“, подолг приказ на светот и содржините во играта, во кој музиката доби уште поголема улога. Во видеото беа вклучени 15 песни од различни жанрови и периоди, а реакцијата на публиката повторно се прелеа на стриминг-платформите.
На 17 септември 2026 година Rockstar отиде и чекор понатаму, најавувајќи го „Grand Theft Auto VI: The Album“, официјален музички албум што ќе биде објавен заедно со играта на 19 ноември. Албумот е создаден во соработка со издавачката куќа Atlantic Records и содржи 34 оригинални песни од изведувачи од различни музички жанрови.
Меѓу имињата што беа откриени во првата најава се Travis Scott, Future, Metro Boomin, Yung Lean, PinkPantheress, Fred again.., Morgan Wallen, Rauw Alejandro и Keith Richards. Првите шест синглови беа објавени веднаш, а за нив беа достапни и дигитални верзии за слушање и претходно зачувување на музичките платформи. Rockstar најави и физички изданија на албумот на винил и CD, вклучувајќи специјални колекционерски изданија.
Во септември 2013 година, кога првпат влеговме во Лос Сантос, веројатно никој не очекуваше дека ќе поминат повеќе од 13 години пред повторно да добиеме целосно нова Grand Theft Auto игра. Во меѓувреме сменивме конзоли, компјутери, телефони, музика, трендови и цели генерации гејмери. ГТА 5 остана со нас низ сето тоа време, а студиото успеа да ја претвори во една од најуспешните и најдолговечните игри во историјата.
Сега, по години шпекулации, лажни протекувања, вистински протекувања, бескрајни теории, трејлери и две одложувања, конечно сме пред вратите на Вајс Сити. Џејсон и Луција се подготвени да ја започнат својата приказна, а милиони играчи ширум светот се подготвени повторно да се изгубат во еден свет на Rockstar.
Дали ГТА 6 ќе ги оправда сите очекувања? Дали ќе постави нови стандарди за отворените светови и видео игрите воопшто? Дали ќе стане новата игра со која ќе се споредуваат сите следни големи изданија? Одговорите ќе ги добиеме дури кога ќе почнеме да ја играме. Но, едно е сигурно, ретко која игра успеала толку долго да го задржи вниманието на светот, а уште поретко некоја игра успеала да направи нејзиното излегување да изгледа како настан што го чека цела генерација.
Од Лос Сантос до Вајс Сити. Од 2013 до 2026 година. По 13 години, приказната продолжува.