На 6 ноември во скопскиот клуб Станица 26 се одржа националното финале на Red Bull Campus Clutch 2022 во кое го добивме тимот кој ќе патува на големото глобално финале во Бразил! Авантура и натпревари кои што нема да ги заборават до крајот на нивните животи! Млади дечки од Македонија кои што се огромни фанови на играта Valorant ќе си ги остварат соновите на млади години и ќе се борат против најдобрите во светот! Порано студентите можеби немаа време за ништо освен за учење, денес се борат на светско во видео игри!

После два напорни квалификациони дена (4 и 5 ноември), во кои се изнагледавме тесни, тешки и динамични партии, неизвесни битки и многу неочекувано-очекувани потези, дојде денот за големото национално финале во кое се сретнаа екипите на BRAZIL BOUND и ZOOMERS. Две екипи со млади дечки кои што најголема пасија им е нормално Valorant, а потоа и нивните студии. Партиите беа пеколно добри за гледање и двата тима го оставија срцето во тој прекрасен ноќен клуб кој што овој пат беше повеќе од клуб!

Eкипата на Brazil Bound со фокусирана игра, паметна тактика и прецизни прсти успеа да го порази тимот на Zoomers со вкупен резултат од 3:0. Многу интересен резултат оваа година бидејќи е втор во буквално исто време за Македонски играчи! Во скоро исто време нашиот Мартин “Saksa” Саздов со неговиот тим Tundra победија во финалето на The International со резултат од 3:0. Или да цитираме еден наш познат коментатор “Тројка! Леле луѓе што направивме!“

Патот до успехот нема тајни, туку е полн со предизвици, за чие остварување потребна е напорна работа и 100% посветеност. Во нашиот случај, успехот се должи на долгогодишно искуство во играње Valorant и CS:GO. Оваа победа и учеството на глобалното финале во Бразил во месец декември е одлична прилика за секој од нас, поединечно и тимски, но пред сè неповторлива шанса да ја донесеме светската Red Bull Campus Clutch титула во Македонија. За крај, како што би кажале бразилците Vamos Makedonija!
Следно на агендата на BRAZIL BOUND е претставување на Македонија на глобалното финале во Бразил кое ќе се одржи во месец декември. Ние фановите ќе ги бодриме нашите BRAZIL BOUND во студените денови, но они ќе си уживаат во летни температури! Македонците сакаат сонце и се гордеат со сонцето, затоа ќе ги грее и до победа! Мора да имаме и финалисти во Valorant!
Да им посакаме среќа и успех во борбата за крајната титула – најдобар студентски VALORANT тим во светот!
