Како што ви е познато уште од текстот од октомври и Magic: The Gathering е планиран дел од моменталната Fallout офанзива, предводена од, за дивно чудо, гледливата истоимена серија. Значи, по играчките и филмските екрани, целата таа апокалиптика во ретро-футуристички стил од 50-тите се појави и на MTG картите, со сите тие мутанти, Nuka-Cola капачиња, радијации, платеници, атомски скривници, зомбија…. земени од сите Fallout игри (од 97-ма па наваму).
Да, Wizards of the Coast воопшто не се срамат да посегнат по било која франшиза и да ја трансформираат во спелови што се плаќаат со мана. Во изминатиов период тоа се случи со Harry Potter, Dr. Who, LOTR, Warhammer 40k и други, а ќе се случува и во иднина со други франшизи, бидејќи пазарот добро реагираше на оваквите продукти, веројатно и поради претпоставката за нивната висока колекционерска вредност во иднина.
Минатиот месец конечно стана достапна Fallout / Magic: The Gathering копродукцијата. Таа е надвор од регуларната линија на продукти спакувани во едиции и се состои од четири тематски шпилови карти (повеќе за нив во претходниот текст) од играчкиот формат Commander:
Scrappy Survivors
Интересно е како човекот во почетокот на својот планетарен развој се занимавал со собирање, а според авторите на футуристичките дела, изгледа тоа ќе е примарното занимање и на крајот од неговото постоење на планетава. Собирањето цивилизациски остатоци е главната преживувачка дејност во пост-апокалиптичните светови, а воFallout е една од клучнте активности. Тоа воедно е и темата на Scrappy Survivors шпилот, во црвена, бела и зелена боја.
Hail Caesar
Се вика шпилот посветен на најсуровата групација од Fallout универзумот – Цезаровата легија, која е најголемата закана за пост-апокалиптичната оаза – Републиката Нова Калифорнија. Шпилот ги потенцира агресивните аспекти на белата, црната и црвената боја во Magic.
Mutant Menace
Пост-апокалиптика без мутанти и чудовишта едноставно не оди. Колку и луѓето да се полоши од нелуѓето во фантазиските постапокалиптични светови, сепак на крајот од денот се луѓе, па макар биле Цезар или Неган. Мутантите од Fallout светот можете да ги сретнете на карти во зелено-сино-црниот шпил Mutant Menace.
Science!
Последниот шпил (црвено-бело-син) е тематски сврзан со чудната научничка секта Brotherhood of Steel. Веројатно нејзината функција во поголемата слика на универзумот е да спречи собирањето повторно да стане примарна дејност на човекот, со тоа што ќе го зачува знаењето. Пред се технолошкото знаење.
Можеби не можат у последно време да направат добра видео игра, ама барем ги имаме на меџик карти и имаме релативно добра серија.