Nintendo Switch 2 – Рецензија

Nintendo Switch 2 во Македонија како и многу други работи малку заглави на царина, не го добивме на прв ден како што беше планирано, па ние коишто бевме љубопитни да го истестиравме и маста да му ја извадиме, моравме малку да запалиме кола и да одиме кај нашиот јужен сосед. Нема да навлегуваме во детали за тоа, но сепак доколку некој го интересира, конзолата е купена од Грција. Со ЕДИНСТВЕНАТА игра којашто беше нова и достапна да се купи цената беше како таа што си беше најавена.

Switch 2 е конзолата којашто долго време се очекуваше да ја добиеме, многу често се запрашувам и зошто тоа го мислев дека ја чекам и посакувам … Уште од моментот кога протече хардверот којшто ќе се користи во самата конзола беше јасно дека овој Switch 2 ќе биде само малку подобрен, но во секој друг аспект ќе биде истиот уред. Со многу минимални промени. Дали тоа разочарува? Сакам да кажам да многу, но сепак подоле ќе сфатите подобро.

Оваа рецензија ја пишувам после целосно поминати 24 часа со уредот и конзолата, тестиран за се што е потребно и сметам дека 24 часа користење е максимално време за колку треба и може да се ужива со овој уред на којшто му е ставено само бројка во името и како што кажав само некои работи се подобрени. Од одма морам да кажам дека чувството на купување Свич 2 би можел да го споредам на едноставен начин. Мобилните уреди на самсунг имаат повеќе серии како S, A, M … Доколку сте користеле A или M серија на Самсунг мобилен уред и сте биле задоволни, кога ќе земете S серија веднаш чувствувате промена и квалитет. Епа A серија е Switch 1, S серија е Switch 2.

Nintendo Switch 2, Фото: Марио Спасевски, GG.MK

Квалитетот на Switch 2 е единственото позитивно нешто…

Како што кажав погоре, споредбата со Самсунг мобилните уреди, навистина не може да се опише колку Switch 2 е подобрен во квалитет во секој аспект од првиот свич и Свич Олед (освен во екранот, не се рамни со Олед). Ќе почнам прво да зборам за екранот којшто поради некоја причина во 2025 година е LCD, но сепак за зачувување на батерија ќе се преживее и LCD додека не дојде OLED верзијата. Прилично голем уред со 7.9″ екран којшто за мене лично е малку поголем од што би сакал да биде. За некои луѓе па може и екранот да е мал, но јас преферирам барем малку поголем од телефон, ова е многу повеќе од мобилниот уред којшто моментално го користите или ви е ставен во близина.

Екранот е Full HD со поддршка на 120FPS, HDR, VRR и сите можни чуда. Доколку на стариот уред можевте да ги гледате пикселите во игрите, овде едноставно можете да уживате во вашите омилени Нинтендо светови. Уште од моментот кога ќе стиснете Power On, одма се гледа драстичната промена којашто е за плакнење очи. Ако сакате пак споредба, доколку се промените од добар Full HD телевизор на 4K телевизор, епа такво е чувството.

Оној грдиот и најглупавиот држач којшто доаѓање со стариот уред, којшто подоцна го средија на оледот, но сепак на првиот модел никако не си ја вршеше својата функција бидејќи дизајнерот очигледно не знаел што прави … Во новиот уред Switch 2 е направен маестрално. Многу наликува како држачот на ОЛЕД уредот само што има дупка во самиот држач за полесно и секакво местење. Како сакате можете да го наместите уредот па дури и можете повеќе сила да употребите на држачот. Шансите да се скрши, пукне или нешто да му се случи се многу помали од порано. Нормално ако го форсирате тоа ќе пукне … Пластика е … Но сепак за секојдневно користење е маестрално квалитетно направен.

Свич секогаш за мене бил уред којшто примарно сакам да го играм во таблет верзијата, многу ретко сакав да го играм на ТВ. Кога веќе е рачен уред, сакам да го користам за тоа што е наменет. Да, супер е и да се стави во „Докот“ и да си се поврзе тоа на телевизор, но сепак на крај на денот таблет моментот ми е тоа што ме исполнуваше. Но … 4К резолуција дами и господа … Не знам како би го играл во Таблет верзија овој уред. Мора да се види и почувствува тоа што е за 4К во док верзија, бидејќи сепак разликата се приметува и тоа драааастично многу!

Но сепак колку и да убаво да се игра и во таблет форма и во ДОК форма на телевизор, целиот уред, и таблетот и докот се МАГНЕТИ за прсти и прашина. Во секунда се лепи се на него, ужасно премногу остануваат отисоците од рацете и прстите на уредот, а посебно на докот. Тој треба да се земе внимателно, да се стави на полица, да се исчистат отисоците каде што е фаќан и после само да се чисти од прашина.

Nintendo Switch 2, Фото: Марио Спасевски, GG.MK

Уредот е многу цврст!

Под цврст не значи дека вие можете да го мавате од земја, или да му удирате боксови и да издржи, под цврст подразбирам на колку е добро изработен, специфично за многу скептичните моменти. Уште од самото претставување сите станаа скептици како новите Joy-Cons (контролери) коишто овој пат се на магнет, ќе бидат издржливи. Контролерите всушност се држат на една плочка којашто ги конектира, и сите кренаа паника дека уште во првиот момент тие ќе бидат скршени. Да … можат да се скршат ако сте лудаци и стварно сакате да го скршите … Но Нинтендо имаат направено фора а тоа е дека не се стабилни, туку малку се мрдаат што доколку и вие со сила сакате да ги извадите контролерите, тие ќе излезат. Под сила мислам на желба стварно да ги откорнете.

Така што, немојте да се плашите од никакво кршење на контролерите, од запците/плочките коишто ги држат контролерите и од ништо такво. Интересно е што контролерите можете да ги ставите како сакате. Не е потребно синиот на сината страна или црвениот на црвената страна. Можете и обратно да ги ставите, ако мислите дека можете да играте обратно … Но исто така можете да ги свртите и целосно од другата страна … Спидранери веќе го прават ова.

Материјалот на копчињата е доста квалитетен. Целиот материјал, посебно копчињата се облиени со специјална облога што ги прави A-B-X-Y и Up-Down-Left-Right да се под облогата. Со ова веројатно никогаш нема да доведе до обледување на копчињата. Но сепак и тие копчиња се малку чуднички и малку болат прстите после неколку часа играње на … повторно мора да се спомне … Единствената нова игра којашто е достапна уште од прв ден – Mario Kart World.

Болат прсти од Копчињата

Во овие 24 часа од како го имам и тестирам новиот Свич 2 извозев голем број на трки во новата Марио Карт и извозев многу километри низ целиот отворен свет којшто го нуди самата игра. Многу пати требаше да правам пауза од неколку минути поради тоа што прстите страшно многу ме убиваа поради чудните копчиња коишто го имаше контролерот. Од тригерите не толку, тригерите се предобро направени, но сепак копчињата можеби дека се помали за разлика од други големи контролери, навистина ме убиваа.

Копчињата се буквално исти како и од стариот Свич уред, но сепак овој пат дали дека е нешто ново, дали облогата е малку појака од што е потребно, новите копчиња за мене лично се голема негативна работа. Можеби не сум навикнат толку долго да гејмам на Нинтендо Свич, но сепак се чувствував како да гејмам на многу лоша изработена конзола со лоша пластика …

Најдобар предлог е да ја играте конзолата со контролерот на којшто се закачуваат малите џој-кони. Овој пат иако изгледа најглупаво на цел свет како и минатата генерација … е мноооогу подобро и поквалитетно изработен.

Nintendo Switch 2 Joy-Cons

Дали вреди Switch 2?

Честитки ако си од оние што само „скролна“ најдоле да го прочиташ ова, не е лошо ни тоа. Но сепак, доколку се прочита и стигна до тука браво и за тебе. Дали вреди Switch 2 е најдоброто прашање од аспект на цена, колку нови игри има достапни на прв ден, колку е новата цена на игри и сите други работи. Веднаш би кажал дека одговорот на прашањето Дали вреди е најтешко да се одговори и би кажал директно „ДА и НЕ“.

Зошто не вреди -Многу е скап уредот и многу се скапи новите игри. За тоа што го добивате навистина толкава голема сума на пари не вреди. Да дадете 500 евра на уред којшто доаѓа само со една игра, којашто не е нова сериозна Марио или Зелда игра, туку е само Марио факинг Карт игра, којашто е добра но сепак е КАРТ, е многу глупаво искрено … Доколку имате стара конзола свич не вреди ниту малку да правите ажурирање од тоа да вложите во нешто ново. Доколку имате се изиграно, и не сакате повторно да ги играте сите игри во подобра резолуција нема никаква поента сè уште да се купува.

Зошто вреди – Се работи за нова конзола. Да не се лажеме првата и главна причина зошто вреди да се купи е дека се работи за тотално нова конзола којашто можеби пред тоа имало нешто слично, но сепак ова е ново и многу подобро … Настрана од тоа, Switch 2 вреди и поради неколку други работи. Како на пример доколку сакате да имате Switch нов, можеби е глупо и скапо но е подобро да се вложува во оваа конзола за разлика од стариот свич уред. Најдобро е да вложите во овој нов модел со тоа што доколку сакате да ги играте старите игри, доколку ги немате играно, ќе си барате луѓе коишто ќе ви ги донираат за да ги изиграте. Единствена причина зошто би го предложил е само доколку сте немале. Нема друга причина искрено … или не знам што друго би кажал.

Кога е најдобро да се купи – Како што кажав и погоре, веднаш доколку имате финансии да вложите и сакате, но доколку не ви е мерак, почекајте да излезат нови игри коишто ќе ви фатат око.

Nintendo Switch 2, Фото: Марио Спасевски, GG.MK

МАРКЕТИНГ

Мистериозен воз, многу мрачна околина со загатки за без временско ограничување, но со мерење на вашето време. Зад сето тоа стојат тројца македонци, кои по години правење escape room игри решија да направат нешто многу поголемо.

Браќата Андреј и Иван Вулгаракис заедно со нивниот пријател Никола Гулевски го формираа студиото ClueHall, а првиот голем проект им е играта Operation Warp, што е многу забавна point-and-click авантура инспирирана од возови полни со тајни и од вистинската ЦИА програма MKUltra. Речиси две години работа со тим од талентирани локални уметници и програмери резултираа со игра што не бара конзола, инсталација ниту гејмерско искуство, само љубопитност и желба за решавање мистерии.

Место да ја промовираме само играта решивме да направиме едно интервју со дечките, при што разговаравме за почетоците, за предизвиците на независниот развој, за тоа како се прави загатка што е тешка, но фер, и за тоа зошто точно сега, во 2026 година, се вратија на овој жанр.

А на самиот крај на интервјуто ве чека и изненадување за сите читатели на GG.MK, па прочитајте го ова интервју до последното прашање.

За почеток, би сакал да ги запознаеме луѓето зад „ClueHall“. Кои сте вие, како се запознавте, кога започна вашата приказна со развој на видеоигри, и како се роди идејата да започнете сопствено студио за развој на видеоигри?

Зад ClueHall стоиме тројца луѓе – Андреј Вулгаракис, Иван Вулгаракис и Никола Гулевски. Двајца сме браќа, а третиот е другар уште од средношколските денови, така што се познаваме навистина долго време.

Нашата заедничка професионална приказна започна во 2020 година, кога го лансиравме Escape Room Geeks (escaperoomgeeks.com), бренд преку кој создававме escape room игри што луѓето можат да ги преземат, испечатат и играат во своите домови. Со текот на годините развивме повеќе игри, стекнавме публика од целиот свет и научивме многу за дизајнирањето загатки и создавањето интересни приказни.

По неколку години работа, во 2024 година почувствувавме дека сме подготвени за следниот чекор. Сакавме да го искористиме искуството што го имаме и да создадеме нешто поголемо, покомплексно и визуелно повпечатливо.

Така се роди идејата за ClueHall – нов бренд преку кој сакаме да создадеме дигитални авантури што ќе го донесат escape room искуството на едно сосема ново ниво.

Operation Warp, Clue Hall

Кој беше првиот чекор од идејата за создавање игри до формирањето на ClueHall? Со какви предизвици се соочивте на почетокот и што научивте од тој период?

Првиот чекор беше она што најмногу го сакаме – брејнсторминг! Размислувавме за потенцијални теми, приказни и механики за загатки, но и за тоа како сите тие елементи да ги поврземе во едно логично и интересно искуство.

Еден од најголемите предизвици беше токму тоа – да создадеме приказна во која загатките нема да изгледаат како нешто случајно додадено, туку како природен дел од светот што играчот го истражува.

Секако, многу важен чекор беше и формирањето на поширокиот тим. Тука ни се приклучија Марио Стојанов, кој работеше на 3D околините, моделите и осветлувањето, Никола Коцевски, задолжен за Unreal Engine, моделирањето, кинематските сцени и level design, Милијан Поповски, кој ги изработуваше илустрациите, концептите и корисничкиот интерфејс, и Андреј Стојковиќ, нашиот програмер.

Навистина сме среќни што имавме можност да работиме со овие луѓе. Секој од нив внесе огромна креативност, знаење и внимание кон деталите. Без нив Operation Warp немаше да биде ни приближно тоа што е денес.

Најважната лекција од почетокот беше дека идејата е само мал дел од процесот. Вистинскиот предизвик е сите тие идеи да ги претвориш во функционална и квалитетна игра.

Кои игри ги имате развивано досега и како би го опишале развојот на студиото од вашите први проекти до денес? Дали постои некоја од претходните игри што ви помогна да го пронајдете сопствениот креативен идентитет?

Operation Warp е нашата прва игра од ваков карактер, но далеку од првото искуство со создавање игри.

Преку Escape Room Geeks досега имаме развиено 13 printable escape room игри, наменети за различни возрасти, од најмалите до возрасни играчи. Имаме создадено и физичка escape room игра во кутија на македонски јазик, која е достапна преку houdini.mk.

Сите овие проекти на свој начин придонесоа за создавањето на Operation Warp. Низ годините научивме како луѓето размислуваат кога решаваат загатки, што им е интересно, што ги фрустрира и што им создава чувство на задоволство кога конечно ќе дојдат до решение.

Мислам дека токму преку тие игри го пронајдовме нашиот креативен идентитет. Нè привлекуваат мистерии, загатки и приказни во кои играчот не е само набљудувач, туку активно учествува во откривањето на она што се случува.

Operation Warp е природна еволуција на сето тоа, само во многу поамбициозен формат.

Operation Warp, Clue Hall

Ајде да преминеме на Operation Warp. Како започна приказната за играта? Кој беше првичниот момент на инспирација што ве натера да помислите дека токму ова е проектот на кој сакате да работите?

Идејата првично не започна со приказната за возот, туку со желбата да создадеме нов, поинаков и поголем производ од сè што имавме направено дотогаш.

Верувавме дека постои публика која ужива во escape room игри и решавање загатки, но не мора нужно да биде дел од традиционалната гејминг заедница. Луѓе кои немаат PlayStation, не користат Steam или едноставно не сакаат да инсталираат игри за да уживаат во едно добро гејминг искуство.

Затоа одлучивме да одиме во насока на веб-апликација – игра која ќе може да се отвори директно во интернет-прелистувач, без инсталации и дополнителен софтвер.

Сакавме да го задржиме она што луѓето го сакаат кај класичните escape room игри, но да го збогатиме со кинематски сцени, интерактивни околини, звук и многу посилно чувство на присуство во самата приказна.

Од таа желба постепено се разви Operation Warp.

Кога првпат почнавте да ја развивате идејата, дали веќе имавте јасна слика за тоа каква игра сакате да создадете или концептот се менуваше значително во текот на развојот?

Од самиот почеток знаевме каков тип на искуство сакаме да создадеме. Бидејќи веќе со години работиме со escape room игри, бевме сигурни дека загатките и истражувањето ќе бидат во центарот на играта.

Исто така, уште на почетокот одлучивме дека играта треба да биде достапна директно преку интернет-прелистувач, без потреба од конзола или инсталација.

Она што не го знаевме беше точната тема, приказната и начинот на кој сите елементи ќе се поврзат.

Имавме повеќе идеи, од кои некои ги отфрливме, а други постепено ги развивавме. Откако го дефиниравме концептот со мистериозниот воз, работите почнаа природно да се надоврзуваат една на друга.

Би рекол дека основната визија остана иста од почетокот до крајот, но светот, атмосферата и деталите значително се збогатуваа во текот на развојот.

Што ве привлече кон приказната, светот и атмосферата на Operation Warp? Кои филмови, книги, други видеоигри или елементи од поп-културата оставија најголемо влијание врз нејзиното создавање? Можеби нешто Back to the Future и Snowpiercer можеби?

Идејата за мистериозен воз ни беше интересна уште на самиот почеток. Возот е специфична средина – ограничен простор, вагони што кријат различни тајни и чувство дека се движиш кон нешто непознато. Ни изгледаше како одлична основа за escape room игра.

Паралелно со тоа, нè привлече и темата за контрола на човечкиот ум. Интересна ни беше идејата колку човековата перцепција може да биде под влијание на надворешни фактори, информации и манипулација. Тоа е тема која на некој начин може да се поврзе и со современиот свет и влијанието на медиумите.

Додека ја истражувавме темата, наидовме на вистинскиот проект MKUltra – тајна програма на американската ЦИА од периодот на Студената војна, во која се истражувале различни методи за влијание врз човечкото однесување.

Кога сфативме дека зад оваа навидум филмска идеја стојат вистински историски експерименти, добивме дополнителна инспирација за приказната.

Сакавме да земеме одредени историски и психолошки мотиви и да ги претвориме во нешто сосема свое – оригинална мистерија, со сопствен свет, атмосфера и приказна што постепено се открива пред играчот.

Operation Warp, Clue Hall

Е сега, во време кога голем дел од индустријата се фокусира на реализам, на акција и сè посложени механики, вие се одлучивте за point-and-click авантура. Зошто токму овој жанр во 2026 година? Дали станува збор за љубов кон класичните авантури, за свесен креативен избор или за нешто сосема друго?

Пред сè, тоа беше свесен избор кој произлезе од типот на искуство што сакавме да го создадеме.

Нашата цел не беше да направиме игра во која се потребни брзи рефлекси, познавање сложени контроли или претходно гејминг искуство. Сакавме во центарот да бидат логиката, набљудувањето, љубопитноста и чувството на откривање.

Point-and-click форматот совршено одговара на тој пристап. Играчот може да се фокусира на околината, приказната и загатките, без да размислува како да го контролира ликот.

Дополнително, сметаме дека постои голема група луѓе кои би уживале во вакви игри, но не се класични гејмери. Со тоа што играта се игра во прелистувач, сакаме да ја направиме што е можно подостапна.

Не мислиме дека секоја наша идна игра мора да биде point-and-click, но за Operation Warp овој формат беше вистинскиот избор.

Кој дел од развојот на Operation Warp ви одзеде најмногу време или ви создаде најголеми проблеми? Дали имаше некоја механика, сцена или идеја што изгледаше едноставно на хартија, но се покажа како особено тешка за реализација?

Дефинитивно постпродукцијата и спојувањето на сите елементи во една функционална целина.

Искрено, не очекувавме дека овој дел ќе одземе толку многу време. Кога работиш на ваков проект, имаш повеќе паралелни процеси – 3D околини, анимации, кинематски сцени, илустрации, звук, програмирање, монтажа и веб-интеграција.

Секој од членовите на тимот си ја заврши работата одлично, но на крајот сите тие елементи треба да функционираат беспрекорно заедно. Токму тоа се покажа како посложен процес отколку што првично очекувавме.

Што се однесува до самите механики и загатки, тука бевме доста внимателни уште во фазата на планирање. Пред да се одлучиме за некоја идеја, разговаравме со тимот дали и на кој начин може да се реализира.

Благодарение на тој пристап, немавме некоја голема механика што моравме целосно да ја отфрлиме затоа што била технички неизводлива.

Но дефинитивно научивме дека за идните проекти треба да планираме многу повеќе време за финалното поврзување и полирање на играта.

Како го балансиравте предизвикот на загатките? Кога создавате point-and-click игра, како да направите загатката да биде доволно тешка за да предизвика задоволство кај играчот, но не и толку нејасна што ќе го натера да се откаже?

Тука мислам дека најмногу ни помогна искуството од претходните escape room игри.

Со години создаваме загатки, ги тестираме со различни луѓе и ги анализираме нивните реакции. Со текот на времето стекнавме чувство колку одредена загатка би можела да биде тешка и приближно колку време би му одзела на просечен играч.

Но тоа никогаш не е точна наука. Некој може да реши навидум сложена загатка за две минути, а потоа да заглави на нешто што сме сметале дека е многу едноставно.

Се трудиме секоја загатка да има логика и играчот, кога ќе го открие решението, да си каже: „Аха, сега ми е јасно!“

За нас тоа е најважно. Не сакаме загатките да бидат тешки само за да бидат тешки. Сакаме да бидат предизвикувачки, но фер.

Затоа и Operation Warp нема временско ограничување. Играчите можат да размислуваат, да истражуваат и да го решаваат секој предизвик со сопствено темпо.

Operation Warp, Clue Hall

Колку се менуваше играта во текот на развојот врз основа на тестирањето и повратните информации? Дали имаше некоја идеја за која бевте убедени дека ќе функционира, но играчите ве натераа да ја преиспитате?

Интересно е што Operation Warp не претрпе некои големи промени во текот на тестирањето.

Имавме неколку помали корекции, доработки и прилагодувања, но основната структура на играта, приказната и најголемиот дел од загатките останаа исти.

Мислам дека голема улога во тоа имаше нашето претходно искуство. Веќе имавме прилично добра претстава како луѓето реагираат на одредени типови загатки и кои работи потенцијално би можеле да создадат проблем.

Секако, тестирањето секогаш е многу важен дел од процесот. Кога со месеци работиш на иста игра, сè ти изгледа логично бидејќи ги знаеш сите решенија. Но кога ќе седне некој што првпат ја гледа, веднаш добиваш поинаква перспектива.

Токму затоа повратните информации од играчите ни се многу важни и ќе продолжиме внимателно да ги следиме и по лансирањето

Независните студија често мораат да прават компромиси меѓу амбициите и расположливите ресурси. Кои беа најважните компромиси што ги направивте при развојот на Operation Warp и постои ли нешто што би сакале да сте имале повеќе време или средства да го реализирате?

Секако дека имаше компромиси. Operation Warp е независен проект што го развивавме со однапред дефиниран буџет, па моравме внимателно да одлучуваме каде ќе ги насочиме ресурсите.

Најголемиот дел од компромисите беа поврзани со продукцијата – колку сложени сцени можеме да реализираме, колку детали да вклучиме и како да постигнеме најдобар можен резултат со средствата што ги имаме.

За среќа, уште при осмислувањето на играта бевме во постојана комуникација со тимот, па можевме навреме да процениме што е реално изводливо, а што би барало несразмерно многу време и ресурси.

Сепак, ако има нешто што би сакале да сме имале повеќе, тоа е време и буџет за дополнителна содржина.

Со задоволство би ја направиле играта уште подолга, со повеќе простории, повеќе загатки и дополнителни моменти за истражување.

Но на крајот мислам дека успеавме да создадеме заокружено искуство со кое сме навистина задоволни.

Дали сметате дека денес постои доволно публика за нови point-and-click авантури, вклучително и меѓу помладите играчи кои можеби не пораснале со класичните наслови од овој жанр? Како планирате да допрете до нив, без притоа да ја изгубите публиката што веќе ги сака ваквите игри?

Ние веруваме дека постои, а сега ќе имаме можност и да видиме како тоа ќе се покаже во практика.

Мислам дека љубовта кон мистерии и решавање загатки не е ограничена на одредена генерација. Можеби помладите играчи не пораснале со класичните point-and-click авантури, но тоа не значи дека не би уживале во слично искуство претставено на современ начин.

Токму затоа се обидовме Operation Warp да биде визуелно привлечна, интуитивна и лесно достапна, дури и за луѓе што не играат видеоигри редовно.

Имаме и една предност – преку Escape Room Geeks веќе изградивме заедница на луѓе кои сакаат загатки и escape room игри. Веруваме дека дел од нив ќе уживаат и во Operation Warp.

Сепак, ClueHall не го замислуваме како студио што ќе биде ограничено исклучиво на еден жанр. Се надеваме дека во иднина ќе експериментираме и со различни формати и типови игри, сè додека ја задржуваме нашата љубов кон мистериите и добрите приказни.

Operation Warp, Clue Hall

Како би сакале играчите да се чувствуваат кога ќе ја завршат Operation Warp? Што е она што би сакале да го запомнат од играта, освен самото искуство со решавање на загатките и истражување на нејзиниот свет?

Најмногу би сакале, додека ја играат, целосно да заборават на светот околу нив.

Да седнат пред компјутер, да влезат во приказната и следните неколку часа да бидат толку внесени во мистеријата што ќе заборават што им се случувало во текот на денот.

Сакаме да имаат чувство дека навистина биле дел од тој свет, дека ги истражувале вагоните, ги откривале тајните и чекор по чекор сами стигнале до вистината.

Исто така, многу ни е важно да се избегне непотребната фрустрација. Сакаме загатките да бидат доволно предизвикувачки за играчот да почувствува вистинско задоволство кога ќе ги реши, но не и да го натераат да се откаже од играта.

Ако на крајот играчот почувствува задоволство од решената мистерија, а воедно му биде малку жал што авантурата завршила, тогаш сме ја постигнале целта.

И нормално за крај… Кога ќе ја видиме целосно играта и што ви е потребно од луѓето што го читаат ова сега?

Добрата вест е дека нема потреба повеќе да чекате! 🙂

Operation Warp е официјално достапна од 30 октомври 2026 година и може да се најде на https://cluehall.com/.

Играта се игра директно преку интернет-прелистувач, без никаква инсталација, а може да ја играте самостојно или заедно со пријателите.

Она што би сакале од луѓето што го читаат ова е да ѝ дадат шанса на играта и да ни го кажат своето мислење. Навистина ни значи секоја повратна информација, без разлика дали е позитивна или критичка, бидејќи токму тоа ни помага да бидеме подобри во следните проекти.

А како мало благодарение до GG.MK и нивните читатели што ни даваат простор да ја споделиме нашата приказна, подготвивме и ексклузивен попуст од 20% за Operation Warp. Доволно е при купувањето на cluehall.com да го внесете кодот GGMK20.

И за крај, нешто на што сме особено горди – Operation Warp е 100% македонски производ, создаден од талентирани луѓе од нашата земја.

Речиси две години работевме на овој проект и навистина сме возбудени што конечно можеме да го споделиме со публиката.

Се надеваме дека ова е само почеток на многу нови авантури што ќе произлезат од ClueHall

ИГРАТА МОЖЕТЕ ДА ЈА КУПИТЕ ТУКА, СТИСНИ!

GG анкета

вести и новости од

ПРИЈАТЕЛИТЕ на GG.MK

GG LFM

W00t w00t? GG ис лукинг фор мор!​
Стани дел од тимот на GG.MK!

GG ЛОВЦИ НА ТРОФЕИ

покажете го пленот

Претплати се на нашата мејлинг листа

Нема спам, нема замарање!
Само гејминг!