Развојот на игри, односно гејм девелопментот, сè уште е во рана фаза на нашето поднебје. И покрај тоа што имаме куп успешни игри, настани и индивидуи кои се поврзани со оваа индустрија, сепак недостасува академската поддршка. Да, постојат курсеви и обуки, но недостасува таа академска средина која што ќе помогне, не само во создавање на нови потенцијални таленти, туку и во поткрепување на игрите во самото општество. Тука паѓаат трудови, анализи, статистики, мапирања на индустријата, можности за пракси, размена на идеи вон еднократни настани. За наша среќа има некој што во позадина се залага за подобрување на тој момент. На другата страна во ова интервју ја имаме Даниела Спасовска, со која што долги години се имаме (не само јас и вие) сретнувано на Game Jams, но да не оддолговлекувам.
Моментална титула:
Ко-основач и претседател на Македонската асоцијација за развивање на игри МАГДА
Претходни искуства:
Над 20 години професионално искуство во сферата на маркетингот и рекламата, и повеќе од 13 години работа во македонската индустрија за видеоигри.
ДАНИЕЛА МИСЛАМ ДЕКА НЕДОВОЛНО ЈА ДОЛОВИВ ТВОЈАТА ДЕЈНОСТ И ПРОФЕСИЈА, БИДЕЈЌИ ТЕШКО Е, ЧОВЕК КАКО ТЕБЕ ДА СЕ ЗАЦРТА СО ЕДНА УЛОГА, ТАКА ШТО ДАЛИ МОЖЕШ НА ПОШИРОКО ДА НИ КАЖЕШ, ШТО СЕ ПАЃА ВО ТОА ШТО ГО ПРАВИШ?
Здраво Ана, ти благодарам на поканата за интервју. Македонската индустрија на видеоигри е мала и ми се чини дека сите ние имаме повеќе од една улога. Јас сум еден од основачите на МАГДА во 2013 г. и сите како тим бевме организатори на „Game Jam“ настани, предавања, конференции, дружења и воопшто работевме да ги инспирираме младите да развиваат игри и да соработуваат. Имам над 20 години искуство во сферата на маркетингот и рекламата, а веќе 13-14 години сум во индустријата на видеоигри.
КОЈ БЕШЕ ТВОЈОТ ПРВ КОНТАКТ СО ИГРИ? И ШТО ТЕ ФАСЦИНИРАШЕ ВО ТОЈ МОМЕНТ, ШТО ТИ ОСТАВИ НАЈГОЛЕМ ВПЕЧАТОК?
На 16 години го добив мојот прв Пентиум. Еден другар го зема да ми инсталира програми, а всушност ми го врати со инсталирани Quake, Blood и Mortal Kombat. Quake ми беше омилена, и пред тоа ја играв кај него, така што преку Quake, FPS беше и остана мој омилен жанр.
КАКО СЕ СЛУЧИ СПОЈОТ ПОМЕЃУ АКАДЕМИЈАТА И ИГРИТЕ?
Ако зборуваме за ликовната академија, јас студирав сликарство во Софија и тогаш професионалните планови ми се движеа во сосема друга насока. Но, кога во 2010 г. запишав мастер студии на Универзитетот во Нови Сад, сфатив дека сакам да работам нешто сосема различно од традиционалниот маркетинг кој тогаш постоеше. За ова можам да им заблагодарам на професорите затоа што за нив најважно беше да размислуваме иновативно. Видеоигрите се производ на креативните индустрии каде што секоја сфера од уметноста и од технолошките достигнувања има примена, а можноста за иновации е бескрајна. И мастер тезата ми беше за индустријата на видеоигри.

ТИ СИ ЕДНА ОД КО-ОСНОВАЧИТЕ НА МАГДА КОЈА СЕ СОЗДАДЕ ПРЕД 13 ГОДИНИ. КАКО ЗАПОЧНА ТАА ОРГАНИЗАЦИЈА? ДАЛИ ПРВО ПОЧНАА ЏЕМАЊАТА ИЛИ СЕ КРЕНА АСОЦИЈАЦИЈАТА? БУКВАЛНО ПРАШАЊЕВО Е КОКОШКАТА ИЛИ ЈАЈЦЕТО?
Паралелно се работеше на основањето на МАГДА и на организација на првиот Global Game Jam. Тоа беа навистина „откачени“ времиња затоа што постоеа само неколку гејм студија. Но, дефинитивно имаше потенцијал преку кој се создаде заедницата и луѓе кои се запознаа на тие први настани почнаа да соработуваат заедно. Кога гледам наназад, сфаќам дека тимот на МАГДА направи нешто навистина важно, но за тоа како се растеше индустријата еднакво се заслужни и учесниците, како и самите гејм студија.
ПРЕД НЕКОЕ ВРЕМЕ ГО ПОЧНА ПРОЕКТОТ „ИГРА“. МОЖЕ ЛИ МАЛКУ ПОДЕТАЛНО ДА НИ КАЖЕШ ЗА ШТО СТАНУВА ЗБОР?
Наједноставно да се опише е дека „ИГРА“ работи на тоа да им го доближи светот на видеоигрите, пред сè, на родителите, но и на наставниците и на сите возрасни, без да им ја растури забавата на децата и младите. Но, всушност работата е многу покомплексна и треба да се пристапува со големо внимание. ИГРА на родителите треба да им ги даде сите информации и да најде решение за нивните прашања, но секогаш според принципот дека родителот го прави крајниот избор и родителот најдобро знае што е правилно за неговото дете.
Веб-адресата ни е www.igra.li затоа што сè почнува од прашањето „ИГРА ЛИ?“ за да се дознае дали детето го интересираат видеоигри, а потоа доаѓаат другите прашања како: Што игра? Колку време игра? На кој уред игра? итн.

МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ВО СКЛОП НА ИГРИТЕ КАЈ НАС НЕ Е ЧЕСТО ВО ФОКУС. РОДИТЕЛИТЕ МНОГУ РЕТКО ВНИМАВААТ НА ТОА ШТО НИВНИТЕ ДЕЦА ИГРААТ И КОЛКУ. КАКО МОЖЕМЕ ТОА ДА ГО ПРОМЕНИМЕ НА ПОДОБРО?
Јас со години наназад лично разговарам со родители кои се загрижени дали детето е зависно од видеоигри или имаат дилеми дали гејмањето е правилна активност. Многу од тие приказни се навистина сериозни и загриженоста на овие родители е оправдана. Јас би рекла дека интерес кај родителите постои, а постои и објаснување и решение за сè. Секако дека треба да се разговара во јавноста, но многу повеќе треба да се разговара во рамки на семејството. И да се игра заедно. Ако нешто е фасцинантно кај младите гејмери е тоа дека едвај чекаат на некој од дома да му се пофалат што играат и да ги седнат пред екран со нив.
ОД СЕКОГАШ ГИ ГЛЕДАМЕ ОНИЕ ESRB ОЗНАКИ НА ИГРИ, ФИЛМОВИ И МУЗИКА… ШТО ТОА ЗНАЧИ КОНКРЕТНО ЗА ИГРИТЕ?
ESRB е американскиот систем, додека кај нас во Македонија и во уште 38 европски земји, официјален стандард е PEGI (Pan European Game Information) системот, кој соработува и со глобалниот систем IARC за дигитални продавници. Она што е клучно родителите да го разберат е дека овие ознаки ја оценуваат соодветноста на содржината според возраста, а не тежината или сложеноста на играта. PEGI ознаките (3, 7, 12, 16, 18) и дескрипторите за содржина точно укажуваат дали во играта има сцени со насилство, страв, вулгарен говор, микротрансакции или елементи кои можат да влијаат врз психологијата на детето. Тие служат како одличен патоказ и информиран совет за родителите пред да ја преземат или купат играта.
Во базата на PEGI се вклучени над 40.000 видеоигри и покрај ознаките има и текст со објаснување. Ако родителите ја имаат мобилната апликација на PEGI, во секое време можат да прочитаат за секоја од тие игри.

КАКВА Е ПРАКСАТА ВО ОКОЛНИТЕ ЗЕМЈИ, А КАКО ВО ЗАПАДНИТЕ ПО ОДНОС НА ОВИЕ РЕГУЛАТИВИ, КОН МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ НА ДЕЦАТА ОД ИГРИТЕ И ЕДУКАЦИЈАТА ЗА ОВИЕ ПРАШАЊА?
Секоја земја на европско и на светско ниво има свој систем за грижа за детето и во повеќето од нив се опфатени и дигиталните активности. Фасцинантно е како некои европски земји се имаат посветено на едукација за децата и видеоигрите. Тие се најблиску до балансот кон кој треба да се стремиме и точно тие практики сакаме да ги презентираме преку ИГРА.
Но, во светот има и земји кои наметнуваат сериозни ограничувања кон децата и семејствата и тие всушност управуваат со одлуките кои родителите треба да ги донесат. Тоа се системи кои треба да ги разгледаме и да видиме што довело до толку ригорозна регулатива, за да не се создадат услови истото да се случи и кај нас.
КОИ СЕ ПОНАТАМОШНИТЕ ПЛАНОВИ ОКОЛУ ИГРА? ОДНОСНО ПРОЕКТИ, ИНИЦИЈАТИВНИ, НАСТАНИ?
Бидејќи целта ни е ИГРА да биде место каде што секое семејство, секој наставник, граѓанин ќе може да се обрати и да побара информација, совет и поддршка, листата на активности е разновидна.
Но, има уште нешто кое ја засега ИГРА, како и целата индустрија. Тоа е предлогот за EU Kids Act. Европската комисија го објави предлогот оваа есен, а законот се очекува да биде донесен до 2029 година. За сите нас е многу важно овој закон да не наметне непотребни ограничувања и бирократија. За ИГРА е важно комуникацијата помеѓу индустријата на видеоигри и семејствата да биде отворена и директна. Важно ни е да постојат информации и едукација врз основа на кои родителот ќе ја носи одлуката, без да биде ограничен од дополнителна регулатива.
И ПРЕД САМИОТ КРАЈ, КОИ СЕ ПЛАНОВИТЕ НА ДАНИЕЛА. ОСТАНУВА ПОСВЕТЕНА САМО НА ИГРА ИЛИ ПАК ИМА И ДРУГИ КОЛАБОРАЦИИ И ПЛАНОВИ?
Ана, кога на нас ни било доволно само едно нешто да правиме? Можеби од тебе тоа да сум го „префатила“. Но, на ИГРА мора да се посвети многу време и внимание затоа што кога се обраќаме до семејствата, се излегува од сферата на забава и секоја информација треба да е проверена, а секој збор одмерен.
И ЗА КРАЈ, СОВЕТ ЗА ДЕВОЈКИТЕ КОИ САКААТ ДА СЕ БАВАТ СО ПРОФЕСИЈА ИЛИ БАРЕМ ЗАНИМАЊЕ КОЕ Е СРОДНО СО ОВА ШТО ТИ ГО ПРАВИШ?
Девојките и индустријата на видеоигри – тоа е навистина комплексна врска, ти знаеш подобро од мене. Ова не е лесна индустрија и бара многу посветеност и љубов за да се остане во неа. Не можат да им кажам: „Само напред. Ќе има проекти.“, а всушност се работат цели денови и ноќи. Кога девојки сакаат да научат да развиваат игри, им кажувам да те бараат тебе или Дајана и да видат како вие работите.


Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.













