Remedy Entertainment ги продаде правата за Max Payne на Rockstar Games, која имаше големи планови за третата игра. Max Payne 3 беше објавена, продадена во милиони примероци и доби пофалби од многу играчи. Сепак, сосновачот на Rockstar Games, Ден Хаузер, смета дека со третото продолжение некои работи биле погрешно направени.
Со оглед на тоа што Remedy повторно работи на серијата преку претстојните римејкови на Max Payne, Хаузер во интервју за IGN објасни зошто не е целосно задоволен од Max Payne 3.
Хаузер, кој во меѓувреме го основа студиото Absurd Ventures, зборуваше за својата улога во создавањето на играта и за реакциите што ги добила по објавувањето.
„Значи, тоа целосно го утнав. Добро го познавам Сем Лејк и тој е многу добар човек и навистина талентиран. Мислев дека добро завршивме работа со создавањето на уште една игра Max Payne. На некои луѓе им се допадна, на многумина не. Значи, погрешивме, или јас погрешив. Потфрлив. Мојот дел не беше успешен. Играта е прекрасно изработена, но не беше успешна колку што требаше да биде. Би рекол дека голем дел од тој неуспех е моја одговорност, како еден од луѓето што ги носеа одлуките, но и како сценарист, бидејќи на луѓето навистина им недостигаше неговото пишување“, изјави Хаузер.
Тој дополнително објасни дека линеарната структура на играта била поинакво искуство во споредба со пишувањето за игри со отворен свет.
„Тоа беше линеарна игра, па беше малку поинаква од пишувањето за игра со отворен свет, со поструктурирана приказна. Навистина уживав во тоа искуство. Ми се допаѓаше она што го направивме од дизајнерска гледна точка, фактот дека играта немаше премногу непотребни работи и чувството дека гледате 12-часовен филм, како и некои од визуелните елементи со зборови на екранот. Чувствував дека создававме навистина кул дигитално ноар-искуство, но општото мислење во тоа време беше дека луѓето ја мразат играта“, додаде тој.
Max Payne 3 има продадено повеќе од четири милиони примероци и доби високи оценки од критичарите, споредливи со првите две игри во серијалот. И покрај тоа, Хаузер смета дека играта не го постигнала успехот што го очекувал.