Пристигна новата игра „OLGA“ од македонското студио Workbench Entertainment

OLGA

По долг период на развој, најави, демо-верзии, тестирања и постепено откривање на нејзиниот свет, OLGA – Episode 1 конечно пристигна. Новата игра на македонското студио Workbench Entertainment од денес е достапна за играчите, отворајќи ја вратата кон една поинаква приказнa.

Приказна сместена во свет што не е измислен или инспириран од некој Холивудски филм или светски проект, туку од едно прекрасно планинско село што носи препознатлив дух од нашето поднебје. Село кое е познато по една многу убава локација што веројатно сите сте ја виделе

Ова не е игра која се обидува да биде поголема, погласна и побрза од сите останати. Напротив. OLGA намерно оди во спротивната насока. Станува збор за атмосферична наративна авантура во прво лице, со елементи на мистерија, истражување и walking simulator, во која местото, звукот, деталите и приказната имаат многу поголема улога од акцијата.

Селото е Беловодица – Можеби не сте го чуле, ама го знаете по нешто специјално

Во OLGA играчот ја следи приказната на Олга, девојка која по заминувањето на нејзините родители останува кај своите баба и дедо во селото Беловодица – изолирано планинско село далеку од динамиката на секојдневниот живот.

Приказната е поставена во период во кој мобилните телефони и современите комуникациски технологии не се дел од секојдневието на луѓето во ваквите изолирани места. Тоа дополнително ја засилува атмосферата на осаменост и мистерија која ја гради играта.

На прв поглед, Беловодица треба да биде мирно место. Место каде што Олга може да го помине времето со своите баба и дедо, далеку од градската врева. Но, како што постепено се открива светот на играта, станува јасно дека зад таа тишина има многу повеќе.

Workbench Entertainment ја опишува OLGA како епизодна наративна игра, што значи дека првата епизода не треба да се гледа како целосна приказна сама за себе, туку како почеток на поголема мистерија која ќе се открива постепено.

Една од најинтересните работи кај OLGA е начинот на кој е искористен просторот. Наместо само да биде позадина за приказната, селото е еден од најважните елементи на искуството. Workbench Entertainment сака да создаде чувство дека играчот навистина се наоѓа во едно изолирано планинско место – со неговата архитектура, околина, звуци и атмосфера.

Домашно си е домашно, но направено за светот

Играта е инспирирана од словенските традиции и архитектура, а токму преку тие елементи се обидува да изгради визуелен идентитет кој е поинаков од типичните западни или фантастични светови што најчесто ги гледаме во игрите. Тоа е можеби и најголемиот адут на OLGA.

Бидејќи кога ќе погледнеме кон светската инди сцена, постојат огромен број игри инспирирани од јапонската, скандинавската, американската или западноевропската култура. OLGA, пак, тргнува од нешто многу поблиску. Од Балканот, од селата, од планините. Од архитектура и фолклор кои на странските играчи можат да му бидат целосно нови, а на домашниот да му изгледаат необично познати.

Ќе уживате, нема да се борите

OLGA не е наслов направен за играчот постојано да биде во движење. Нема фокус на борба. Нема потреба постојано да се совладуваат противници. Нема класична формула во која секои неколку минути мора да се случи нешто спектакуларно. Наместо тоа, играта се потпира на истражување, набљудување и атмосфера.

Тоа е свесен избор. Workbench Entertainment ја гради OLGA како необични искуство, комбинација која на прв поглед звучи контрадикторно, но всушност прилично добро го опишува концептот.

Може да биде мирно. Може да биде убаво. Може да биде тивко. Но истовремено постои чувство дека нешто не е во ред. И токму тоа „нешто“ е една од причините поради кои светот на OLGA привлекува внимание.

Мал тим со огромна амбиија

Зад играта доколку не сфативте до сега, стојат ѕверките од Workbench Entertainment, независно студио од Скопје кое претходно се претстави со легендарната Wounded – The Beginning.

Искуството со Wounded беше важен дел од приказната на студиото. Играта успеа да привлече внимание и надвор од Македонија, а нејзината демо-верзија, имаше повеќе од 180.000 преземања и стигна до големи Јутјубери.

Со OLGA, сепак, студиото прави значително поинаков чекор. Наместо survival horror, овојпат фокусот е на приказната, атмосферата и мистеријата. И токму тоа ја прави играта интересна и од поширока перспектива. Не само како уште еден македонски гејм-дев проект, туку како пример за тоа како мал тим може да земе нешто локално и да се обиде да го претвори во универзална приказна.

И токму преку тоа OLGA има потенцијал да направи нешто што е исклучително важно за македонската game-dev сцена – да покаже дека локалната приказна не мора да се крие зад универзални клишеа за да биде интересна за светската публика.

Мора веднаш да ја играте

OLGA – Episode 1 пристигна на Steam на 9 септември 2026 година, со развој и издавање потпишани од Workbench Entertainment. Играта е single-player наративна авантура, а на Steam е достапна и демо-верзија.

По години работа, тестирања и постепено градење на очекувањата, сега конечно доаѓа моментот кога играчите можат сами да видат што се крие зад приказната за Олга. И можеби најинтересниот дел од целата приказна допрва почнува.

Затоа што овојпат не влегуваме во некој измислен американски град, во фантастично кралство или во далечна галаксија. Влегуваме во Беловодица. А таму, како што велат од Workbench, некои откритија остануваат со вас цел живот.

МАРКЕТИНГ

Спорели на:

Љубителите на Grand Theft Auto, гејмерите и креаторите на дигитална содржина ќе имаат можност да бидат дел од еден специјален настан посветен на долгоочекуваната GTA 6. На 19 ноември, во Скопје ќе се одржи GTA 6 Launch Event, кој истовремено ќе се организира на двете локации на Inferno Gaming Club – Inferno 1 во Тафталиџе и Inferno 2 во Кисела Вода.

Настанот ќе започне во 11:00 часот, а посетителите ќе можат да очекуваат целодневна дружба, гејминг, музика и атмосфера инспирирана од легендарниот Vice City. Организаторите најавуваат тематска музика во текот на целиот ден, со звук и енергија што ќе потсетуваат на препознатливиот свет на Grand Theft Auto, претворајќи ги гејминг-клубовите во места за вистинско GTA доживување.

Централниот дел од настанот ќе биде можноста посетителите да ја испробаат GTA 6 и одблизу да се запознаат со играта. Сите заинтересирани ќе можат да добијат свој термин за играње и да го искусат старо-новиот свет на Rockstar Games, но настанот нема да биде наменет исклучиво за оние што сакаат да седнат пред конзолата.

Идејата е да се создаде простор за собирање на домашната гејминг-заедница, размена на искуства, запознавање нови луѓе и поврзување на креаторите на дигитална содржина. Настанот ќе биде можност за дружба меѓу гејмери, стримери, јутјубери, инфлуенсери и сите оние што ја следат гејминг-културата, со можност за нови соработки и запознавања.

Посетителите ќе можат да разговараат за играта, да ги споделат своите први впечатоци, да разменат мислења за новините во GTA 6 и едноставно да поминат ден во друштво на луѓе со слични интереси. Со музика, тематска атмосфера и активности во текот на денот, организаторите сакаат настанот да прерасне во вистинско собирање на гејминг-заедницата, а не само во можност за тестирање на нова игра.

БЕСПЛАТНО ИГРАЊЕ, НО СО ЗАДОЛЖИТЕЛНО АПЛИЦИРАЊЕ ЗА ИГРАЊЕ

Една од најважните информации за сите заинтересирани е дека учеството и можноста за играње на GTA 6 се целосно бесплатни. Посетителите нема да треба да плаќаат за да ја испробаат играта, а можноста ќе биде достапна во текот на целиот настан.

Сепак, поради организацијата и распоредот на термините за играње, сите што сакаат да ја испробаат GTA 6 ќе треба однапред да аплицираат преку официјалниот формулар.

По апликацијата ќе се врши јавно влечење за сите луѓе што ќе се пријават за термин за играње, со што ќе се овозможи подобра организација и ќе се избегне непотребно чекање.

КОГА, КАДЕ И ЗОШТО?

GTA 6 Launch Event ќе се одржува на 19 ноември, со почеток во 11:00 часот, истовремено во Inferno 1 во Тафталиџе и Inferno 2 во Кисела Вода.

За сите љубители на Grand Theft Auto, ова ќе биде можност да го дочекаат новото поглавје на франшизата во друштво на домашната гејминг-заедница, со целодневна Vice City атмосфера, музика, дружење и, секако, можност први да ги споделат своите впечатоци од GTA 6.

GG анкета

вести и новости од

ПРИЈАТЕЛИТЕ на GG.MK

GG LFM

W00t w00t? GG ис лукинг фор мор!​
Стани дел од тимот на GG.MK!

GG ЛОВЦИ НА ТРОФЕИ

покажете го пленот

Претплати се на нашата мејлинг листа

Нема спам, нема замарање!
Само гејминг!