Според најновите информации објавени на IMDB и официјалниот инстаграм профил, познатата македонска актерка Тамара Ристоска се појавува во новиот хорор-филм „Return to Silent Hill“, каде што ја игра улогата „Nurse. Се работи за еден од најпрепознатливите ликови за фановите на франшизата.
Филмот денес, 23 јануари 2026, ја имаше својата премиера во киносалите во САД.
Тамара Ристоска е позната по нејзините улоги во сериите „Фамилија Мраковски“ и серијата „Инсајдер“, но нејзината најпозната улога е во филмот „Мими“ на Даријан Пејковски. Дополнително има глумено во проектите како Тин Камп, и кратките филмови како Сенките на Месечината, Слобода, Имиња и многу други.

За што се работи во ова продолжение?
„Return to Silent Hill“ е ново филмско враќање во светот на култниот „Silent Hill“, напишано и режирано од Кристоф Ганс, режисерот на филмот „Silent Hill“ од 2006 година. Новиот наслов е базиран на видеоиграта „Silent Hill 2“, а приказната го следи Џејмс Сандерленд (Џереми Ирвајн), кој добива мистериозно писмо и се враќа во магливиот град Silent Hill во потрага по својата изгубена љубов Мери (Хана Емили Андерсон).
Во продукциски аспект, филмот е француско-американска копродукција, со наведени студија како Davis Films и други партнери, а според достапните информации, снимањето се одвивало во Германија и Србија.
Музиката ја потпишува Акира Јамаока, композитор кој е силно поврзан со „Silent Hill“ универзумот и со игрите, а во пресрет на премиерата беа објавени и детали за саундтрак-албумот.
Како поминува филмот кај критиката?
Првичните реакции од дел од странските медиуми се претежно критични, со забелешки дека филмот има многу добра визуелна атмосфера, но дека тешко функционира како конкретна целина или како самостојно остварување за публика што не ја познава играта.













