Hogwarts Legacy 2 официјално е потврдена

Hogwarts Legacy

Играта-приквел за Хари Потер Hogwarts Legacy беше најголемото ново издание во 2022 година, со продадени повеќе од 22 милиони копии во првата година во САД, надминувајќи го и тогашното издание на Call of Duty, Call of Duty: Modern Warfare 3. Оттогаш, Hogwarts Legacy успеа да продаде повеќе од 40 милиони копии, па логично е дека продолжението е во подготовка. Во текот на ова лето, матичната компанија Warner Bros. Discovery и официјално потврди: Hogwarts Legacy 2 пристигнува.

Ова не е големо изненадување. Директорите на Warner Bros. со години изјавуваа дека продолжението на милијардската Hogwarts Legacy е приоритет за компанијата, која се мачи да пронајде хитови по забележителни неуспеси како Suicide Squad: Kill the Justice League, промашувања како MultiVersus и откажувања на високопрофилни игри како Wonder Woman. Директорите исто така изјавија дека одделот WB Games ќе ги насочи своите напори кон четири клучни франшизи, од кои една е Хари Потер.

Во писмо до акционерите од 6 август, Warner Bros. наведе дека игрите се „важен двигател на растот“ за компанијата и ги истакна поновите успеси. Потоа официјално им потврди на своите инвеститори дека продолжението на Hogwarts Legacy е во развој.

Во текот на вториот квартал ја објавивме Lego Batman: Legacy of the Dark Knight – најдобро оценетата Lego игра досега – и Game of Thrones: Dragonfire, нашата втора мобилна игра од универзумот на Game of Thrones. Овие изданија ги означија првите лансирања според нашата обновена стратегија, насочена кон четири клучни франшизи вредни над 1 милијарда долари, со дисциплинирани инвестиции зад помал број наслови во кои имаме поголема доверба. Очекуваме игрите во иднина позначајно да придонесуваат за профитабилноста на сегментот, додека нашето портфолио се проширува, вклучувајќи го и второто продолжение на Hogwarts Legacy.

Повторно, ова не е големо изненадување за внимателните обожаватели на Хари Потер. Уште во 2024 година, финансискиот директор на WBD, Гунар Видeнфелс, изјави: „Очигледно, продолжението на ‘Hogwarts Legacy’ е еден од најголемите приоритети во следните неколку години.“

Во 2025 година, извршниот директор и претседател на глобалниот стриминг и гејмерски оддел на Warner Bros. Discovery, Џеј Би Перет, изјави дека по „разочарувачката 2024 година“ за гејмерскиот оддел на компанијата, тој ќе се фокусира на четири франшизи во иднина: Harry Potter/Hogwarts Legacy, Game of Thrones, Mortal Kombat и DC („првенствено Бетмен кога станува збор за игрите посветени на еден лик, но може да вклучи и избрани други можности додека се гради новиот DCU“). Досега, компанијата се придржува до таа стратегија.

Постои и причина да се верува дека Hogwarts Legacy 2 ќе пристигне наскоро. Во 2024 година, Дејвид Хадад, тогашниот претседател на Warner Bros. Interactive Entertainment, за Variety изјави дека тимот за игри „координира дел од пошироките наративни елементи во продолжението на Hogwarts Legacy со приказните што ќе се развиваат во Harry Potter серијата на HBO“, која пристигнува подоцна оваа година.

Се приближуваме до четвртата годишнина од Hogwarts Legacy, па се чини дека е вистинско време за нови авантури во Волшебничкиот свет. Со претстојните големи гејмерски настани, вклучувајќи го Gamescom Opening Night Live во август и The Game Awards во декември, не би требало да изненади доколку првиот поглед на Hogwarts Legacy 2 магично се појави со датум на издавање во 2027 (или 2028) година.

МАРКЕТИНГ

Спорели на:

Оваа недела Xbox одбележува 25 години од своето постоење. По тој повод, извршната директорка на Xbox, Аша Шарма, објави долга објава на X, во која ја опиша долгата историја на Microsoft во гејминг-индустријата, која започнува многу пред објавувањето на првата конзола Xbox на 15 ноември 2001 година. Сепак, иако најголемиот дел од објавата наликува на вообичаените блог-текстови по повод годишнини од раководители во гејминг-индустријата, последниот дел навестува дека компанијата би можела да тргне во нов правец со најконтроверзната технологија во моментов – генеративната вештачка интелигенција.

„Иако современите игри ги покажуваат највисоките достигнувања на човечката креативност на начини што пред само неколку децении беа незамисливи, трошоците, ресурсите и ризиците потребни за нивно создавање пораснаа исто толку драматично“, напиша Шарма. „Како резултат на тоа, премногу идеи никогаш не стануваат игри, а премногу игри не го достигнуваат она што нивните креатори го замислиле. Со децении, ова беше неизбежниот компромис при остварувањето амбициозни проекти. Мораме да го промениме тоа.“

Шарма неодамна ја опиша гејминг-дивизијата на Microsoft како „нездрава“ и изјави дека Xbox се наоѓа во процес на „рестартирање“, кое веќе доведе до отпуштање на повеќе од илјада вработени и продажба на неколку омилени студија, меѓу кои и Double Fine.

Следниот пасус на Шарма дава одреден увид во тоа како компанијата планира да ја промени ситуацијата. „Низ човечката историја, обемот на она што можевме да го создадеме зависеше од луѓето, капиталот и ресурсите со кои располагавме“, продолжи Шарма. „Таа поврзаност почнува да се менува. Едно лице наскоро ќе може да располага со можности за кои некогаш беа потребни цели нации. Мал тим ќе може да создава светови за кои денес се потребни стотици програмери и стотици милиони долари. А нашите најголеми студија ќе можат да реализираат амбиции што далеку ги надминуваат денешните игри, исто како што Microsoft Flight Simulator 2024 е далеку понапреден од првото издание во 1982 година.“

Иако Шарма внимателно избегна директно да го употреби терминот „вештачка интелигенција“, идејата дека „мал тим“ ќе може да „создава светови за кои денес се потребни стотици програмери и стотици милиони долари“ изгледа остварлива единствено во контекст на оваа технологија. Современите ААА-видеоигри обично бараат сè поголем број програмери, а како резултат на тоа, трошоците за нивниот развој постојано растат низ целата индустрија.

Искуството на Шарма со вештачката интелигенција

Откако Шарма беше назначена за нова извршна директорка на Xbox, многумина почнаа да шпекулираат дека гејминг-дивизијата на Microsoft со текот на времето сè повеќе ќе се потпира на вештачката интелигенција. Пред да ја преземе сегашната функција, Шарма беше корпоративна потпретседателка за видео во Microsoft и раководителка за производи во рамките на платформата за вештачка интелигенција, а потоа ја предводеше организацијата CoreAI за развој на производи во компанијата.

Во услови на постојани критики кон генеративната вештачка интелигенција поради нејзиното потенцијално негативно влијание врз работните места, уметничкото изразување и животната средина, Шарма се обиде да ја намали важноста на своето претходно учество во развојот на оваа технологија. Во блог-објава од февруари, таа изјави: „Како што се развиваат монетизацијата и вештачката интелигенција и влијаат врз оваа иднина, нема да бркаме краткорочна ефикасност ниту ќе го преплавиме нашиот екосистем со бездушна содржина генерирана од вештачка интелигенција. Игрите се и секогаш ќе бидат уметност, создадена од луѓе и со помош на најиновативната технологија што ја обезбедуваме“.

Сепак, на 13 октомври, таа го најави Xbox Labs, експериментална дивизија инспирирана од неодамнешниот бран проекти за декомпајлирање, пренесување и модифицирање игри, потпомогнати од вештачка интелигенција. И покрај тоа што оваа група недвосмислено се занимава со код генериран од вештачка интелигенција, Шарма успеа ниту еднаш да не го употреби зборот „AI“ во објавата со која го претстави тимот.

Најновата блог-објава на Шарма е доста слична, бидејќи ги опишува промените во индустријата за видеоигри предизвикани од генеративната вештачка интелигенција, без директно да ја именува технологијата. Иако многу играчи со право не ја одобруваат употребата на генеративна вештачка интелигенција при создавањето игри, нејзината употреба за пишување или помош при создавање програмски код тивко стана дел од софтверската индустрија.

Истражувањето на Stack Overflow за 2025 година, во кое беа опфатени случувањата во текот на годината, покажа дека 84 отсто од анкетираните софтверски програмери користат алатки за вештачка интелигенција во одредена форма. Иако сè уште постои надеж дека оваа ситуација би можела да се промени преку законски регулативи или други механизми, се чини дека повеќето големи гејминг-компании ќе продолжат да се потпираат на генеративната вештачка интелигенција сè додека не дојде до некаква значајна промена.

GG анкета

вести и новости од

ПРИЈАТЕЛИТЕ на GG.MK

GG LFM

W00t w00t? GG ис лукинг фор мор!​
Стани дел од тимот на GG.MK!

GG ЛОВЦИ НА ТРОФЕИ

покажете го пленот

Претплати се на нашата мејлинг листа

Нема спам, нема замарање!
Само гејминг!