Театарската претстава „Тепихот на Биг Лебовски“ доби нешто што не го гледаме баш често кај вакви проекти. Добива своја мини аркадна видеоигра. „Јавачот Мајт!“ е бесплатна веб-игра која може да се игра директно на вашиот прелистувач, а замислена е како дигитално продолжение на светот што го создава претставата.
Играта е дел од проектот за новата комедија на Алтернативен театар „ПРОБАТОН“, но наместо публиката само да гледа трејлер, плакат или фотографии, „Јавачот Мајт!“ ѝ овозможува барем накратко да влезе во нејзиниот свет преку гејминг.
„Јавачот Мајт!“ може да се игра бесплатно овде.
Станува збор за кратко аркадно искуство, направено како придружна содржина за „Тепихот на Биг Лебовски“, а не како целосна самостојна видео игра. Идејата е дел од приказната, хуморот и атмосферата на претставата да функционираат и надвор од сцената, во интерактивен формат.
Зад играта стои пошироката идеја еден театарски проект да не се ограничи само на она што се случува во салата. Покрај самата претстава и мини-играта, проектот има и своја веб-страница, со што „Тепихот на Биг Лебовски“ се обидува да ја прошири приказната низ различни медиуми.
Од игра до театар
Самата претстава е нова комедија на Алтернативен театар „ПРОБАТОН“, чија приказна започнува со тепих, пари и киднапирање, а понатаму се развива низ црн хумор, апсурдни ситуации и ликови кои имаат различни идеи како да излезат од хаосот во кој се нашле.
Режијата е на Ѓорѓи Ризески, додека текстот е на Сашо Костовски. Во претставата играат Милорад Ангелов, Чедомир Митевски, Стефан Ѓорчев, Марко Трајковиќ, Марија Лазарова и Горан Илиќ.
Премиерата е закажана за 16 октомври 2026 година од 20 часот во просторот на Славјански Универзитет во Свети Николе.
За оние што прво сакаат да го проверат гејминг делот од проектот, „Јавачот Мајт!“ е достапен бесплатно и не бара инсталација – доволно е да се отвори во веб-прелистувач.














