Оваа година македонската косплеј заедница забележа значаен успех на регионалната сцена. По националниот избор организиран од „Пагода“, Ивана Костадиновиќ, позната како Ivy Ghoul, ја претставуваше Македонија на Ultimate Balkan Cosplay Championship (UBCC) во Белград, каде што го освои првото место и ја обезбеди првата победа за земјата на ова натпреварување.
За многумина косплејот сè уште претставува само „маскирање“, но зад секој костим стојат стотици часови истражување, дизајн, кроење, моделирање, изработка на реквизити, шминка, перформанс и сценска подготовка.
Во светски рамки, косплејот одамна е препознаен како комплексна креативна дисциплина која комбинира поп-култура, дизајн, сценска уметност, занаетчиство и кретаивност. Илјадници косплеери ширум светот изградиле успешни кариери токму преку оваа форма на уметничко изразување.
Во Македонија косплеј уметноста сè уште се соочува со бројни предизвици. Иако заедницата постојано расте и привлекува нови млади ентузијасти, поддршката останува ограничена. Недостасуваат спонзори, институционална поддршка и пошироко разбирање за вредноста на ова креативно изразување. Наместо признание за вложениот труд, косплеерите честопати се соочуваат со потценување, предрасуди и неразбирање на нивната работа.
Националниот избор за македонски претставник на голема меѓународна поп-културна конвенција беше организиран со цел да покаже дека косплејот заслужува внимание, почит и инвестиција. Успехот на Ивана Костадиновиќ претставува доказ дека македонските косплеери не само што можат достојно да ја претставуваат својата земја, туку и да триумфираат на регионалната сцена меѓу најдобрите натпреварувачи од Балканот.













