Македонија е доста мала земја и не можеме да се споредуваме со многумина од светов во аспект на гејминг индустријата. Сите знаеме од Македонија колку игри излегуваат и колку често добиваме нови игри. Но сепак, не можеме да се жалиме дека од Македонија не излегуваат доста игри, бидејќи секоја година добиваме нешто доста интересно и нешто што отстапува. Најдобриот пример е доколку се има желба и визија, може да се дојде до финален продукт.
Уште пред неколку години Ристе Тутурески имал визија за правење на игра којашто ќе се вика The Strange Story of Brian Fisher, ќе биде целосно ново нешто за во Македонија, игра преполна со мистерија и загатки, настана од тоа што скоро сите игри од Македонија се само хорор. Неколку години од тоа, студиото Intetic не само што го вади првиот дел, туку веќе го издадоа и својот втор дел, од вкупно четири. И овој продукт е целосно Македонски продукт со тоа што имаа соработка и со KAMAi Media, и играта беше тестирана од Македонското студио Indium Play.
Македонија е горда што има ваков продукт
Не секоја детективска игра успева да ве привлече со уникатен микс од интриги, предизвикувачки загатки и емотивна наративност, но сепак „Чудната приказна на Брајан Фишер“ нуди сè што сакате, дури и повеќе. Вториот дел од играта, продолжува директно од каде што заврши и првиот дел, го гледаме Брајан Фишер, детектив и физичар, но во своите детски денови, во доцните 80ти години.
Уште од самите почетоци, играта ви кажува кој е Брајан, и ќе ви биде доста потешко да сфатите што се случува доколку не сте го играле првиот дел. Веднаш сте вовлечени во сложена приказна исполнета со пресврти, скриени вистини и загатки кои ќе ја тестираат вашата логика и трпение. Ова не е само уште една каде што откривате мистерии, туку во буквална смисла е едно животно патување на карактер со којшто можете да се поврзете толку добро што во моменти заборавате дека играте игра.
Првиот дел од играта може да се каже дека беше обично проектче за да се види колку некој може да направи нешто, и дали може да го направи тоа. И од личен аспект, првиот дел од оваа игра мене ми е нешто за коешто може да се пофалиме дека имаме некоја ваква игра. Но сепак, вториов дел … Ќе направам една позната споредба, а тоа е „црно-бел телевизор, и телевизор во боја“. Уште од самиот почеток бев воодушевен за тоа колку играта е подобрена во секој аспект, посебно во графичкиот и техничкиот аспект. Се гледа дека се седнало и се кажало дека мора играта да се подобри во секој аспект бидејќи ќе биде пласирана на многу повеќе региони, не само на домашен терен.
Како голем фан на овој жанр на игри, и во глобала целиот детективски жанр и од литературата, The Strange Story of Brian Fisher 2 од самиот почеток имаше смисла, и секоја загатка точно имаше смисла. Со ова сакам да кажам дека во никој момент вие нема да се запрашате „што треба да правам сега, каде треба да одам сега?“. Сè што ќе најдете и земете, во секој момент знаете каде треба да го употребите и како тоа ќе ви помогне да ја завршите загатката. Секој клуч си има смисла, секое дупче си има смисла. И начинот на којшто играта е точно направена, буквално ве вози како убав филм. Да, играта ви дава можност вие да шетате само низ куќата и да барате работи, но сепак тоа нема да ви смени ништо бидејќи играта е линеарно направено.
Играта го следи познатиот формат „point-and-click“, каде што сите загатки се решаваат многу едноставно, и не бара многу работи од вас. Некои загатки се јасни, додека други се поапстрактни или бараат многу размислување, што обезбедува задоволувачки предизвик. Голем дел од загатките беа многу интересни и лесни за решавање, но има некои коишто навистина ми беше потребно време да ги решам. Ќе направам мал спојлер, загатката со сликите и загатката со епруветите ми беше потребно многу време да ги решам. Ќе видите кои се тие, но сепак од аспект на завршување, сфаќам дека се доста лесни кога ќе се сфатат како треба.
Уметничкиот стил на играта е шармантен и колоритен, со рачно цртени елементи кои се привлечни и добро приспособени, за разлика од првиот дел каде што се беше премногу чудно направено. Целата куќа е предобро направена, голема вила од 80-тите години, и секоја соба, секоја слика, секој предмет си има смисла. Би ви дал и една идеја, дајте си себеси малку време да барате скриени детали во играта. Има доста интересни книги, стрипови и магазини коишто се многу интересно дизајнирани.
Завршни зборови
Мора да се каже дека тешко е да се опише со зборови колку е убаво и пријатно што играта целосно е сихронизирана и напишана на Македонски јазик! Тешко е да се опише колку е забавно да се игра нешто на мајчин јазик! Посебно од делот на синхронизацијата кога карактерите зборуваат на Македонски јазик. Сепак кога е целосно домашен производ, мора и вакви работи да нуди.
Сите ве поттикнувам да дадете 1500 ден. што е смешна сума за оваа игра, за да ги поддржиме Intetic, и студијата што соработуваат со нив за побрзо да ги извадат следните делови. Но во главно, ова е целосно домашен производ, небитно колкава е цената, сите мораме да купиме по една копија од играта бидејќи само вака ќе ја шириме гејминг индустријата и гејминг културата во Македонија! А најглавно од се … Играта навистина вреди да се игра!