Македонската пејачка Андријана Јаневска на социјалните мрежи сподели една прекрасна вест којшто е многу важна за гејминг културата во Македонија, и вест којашто ги возбуди сите гејмери во земјава. Пејачката изјави дека потпишала договор со една од најголемите компании за игри во светот – Warner Bros. Games.
Компанијата Ворнер Брос. иако е формирана во далечната 1923, и лани прослави 100 години постоење, одделот за гејминг, е креиран пред точно 20 години. Под нивно водство се студија како: TT Games, Rocksteady Studios, NetherRealm Studios, Monolith Productions, WB Games Boston, Avalanche Software, WB Games Montréal. Кога ќе се прочитаат сите овие големи имиња одма доаѓаат на памет голем број игри како што се: Batman: Akrham игрите, LEGO игрите, Middle Earth, Mortal комбат и многу други.
Нашиот познат вокал и музичар, веста за потпишување на договор ја сподели една година по креирање на договорот, и креирање на музиката за играта. Јаневска специфично има правено песни за последниот дел Мортал Комбат франшизата – „Mortal Kombat 1“. Приказната на Јаневска како да стигне до ова соработка е многу интересна. За да споделиме со сите вас, земавме ексклузивна изјава од Јаневска.
Како дојде до соработка и потпишување договор со една од најголемите фирми за игри во светот „Warner Bros. Games“? Дали некој од таму ве побара вас, или можеби ова дојде преку букинг агенти коишто ве имаат пласирано вас до компанијата?
Некаде во април 2022 година добив мејл од соработникот на композиторот Wilbert Roget II, со понуда за соработка. Најнапред требаше да отпеам една композиција од околу 3 минути, на измислен јазик. Ми беше кажано дека е за видео игра, но не за која. Откако прифатив, композиторот ми испрати демо снимка, од прилика како би сакал да звучи финалиот производ. Вокалите ги снимив во моето студио Гиновски, каде професионално работиме со сопругот Гино веќе 15 години. Откако им ја испратив снимката беа воодушевени, немаше никакви технички ниту уметнички замерки. Ме прашаа дали би била слободна да отпеам уште неколку песни кои би биле дел од официјалниот саундтрак на играта, а јас се согласив. Во следниот период ги снимив и останатите композиции за кои исто така не најдоа замерка. Ми платија за работата и ми пишаа дека ќе ме известат кога играта ќе излезе официјално. Дури после една ипол година ми стигна мејл дека станува збор за видео играта Мортал Комбат 1 и дека пред да излезе официјално, мора да потпишеме договор со Warner Bros Games.
Андријана Јаневска
Дали до пред да дојде понудата да правите музика за новата „Mortal Kombat 1“ игра, бевте запознаени со таа франшиза и нејзината популарност, и дали тоа ви влијаеше дали ќе прифатите да го правите ова? Или можеби главната причина за прифаќање на ова беше дека сепак е правење музика за нешто што ретко кој добива шанса – видеоигри?
Јас сум родена во декември 1981 година, а првиот компјутер го добив на 3 ипол години, во 1985 година. Тоа беше новиот Amstrad CPC 464 со колор монитор Сакам да кажам, јас пораснав со видеоигри, немаше игра која не ја знаев и ја немав изиграно. Ја прифатив понудата затоа што никогаш не одбивам никаква работа, не знаете што тоа ви носи понатаму. А откако дознав дека станува збор за една од најпознатите игри Мортал Комбат, секако дека бев пресреќна и многу возбудена.
Андријана Јаневска
Каква беше соработката со Warner Bros. Games? Кои беа нивните барања, и дополнително дали беше тешко да се остварат сите нивни барања за нивниот проект?
Соработката течеше лесно и беспрекорно. Имаа точно наведени барања во смисла како сакаат да звучи вокалот, со антички призвук (буквално така беше наведено), но на моменти да прозвучат и словенски вокали, со извици на краевите. Претпоставувам дека барале вокал кој ќе може тоа да го донесе и затоа ме исконтактирале.
Андријана Јаневска
Играта за којашто имате испеано песни е излезена пред една година, и видеата на YouTube со вашето име се исто така излезени тоа време, па ве прашуваме зошто веднаш не споделивте за вашиот договор, туку сега? Дали тоа значи дека имавте потпишано NDA каде што не смеевте да споделувате до сега?
Точно така. Инаку, договорот ми го испрати Димитрис, еден од соработниците кој е Грк. Во договорот требаше да ја напишам адресата на живеење. Напишав Република Македонија и никој од компанијата не направи никаков проблем.
Андријана Јаневска
Да се надоврзам на претходното прашање, дали тоа значи дека од вас може да слушнеме повеќе песни во следните проекти што доаѓаат? Дали ваша песна би можеле да слушнеме во следните Harry Potter, Batman, Mortal Kombat и Game of Thrones проекти, бидејќи компанијата изјави пред некој ден дека целиот фокус ќе го стават на тоа?
Во постојан контакт сум со композиторот кој воедно оваа година е номиниран за Греми. Искрено се надевам дека ќе имам прилика да работам и на други проекти. За мене ова е остварување на еден детски сон, бидејќи на некој начин се соединив со видеоигрите со кои пораснав.
Андријана Јаневска е вработена во Македонската опера и балет, како прва виолина. Освен виолина, свири пијано, гитара и бас гитара, а првата композиција ја има напишано на свои 11 години. Дебитира на Скопски Фест 1998. Зад неа има вкупно направено 11 албуми кои што дел се етно, дел се детски песни, и голем број на други жанрови. Јаневска иако има голем број на хитови, најпознати и најзвучни се „Твоето писмо, моја библија“, и безвременскиот хит, со еден од најубавите спотови „Своја на своето“.
За Андријана Јаневска и за нас како гејмери овој успех е огромен и има големо значење! Имаме човек кој што за сега има испеано музика за Mortal Kombat, а наскоро во наредните години, сигурно би го слушнале нејзиниот вокал и во франшизите како Batman, Harry Potter и многу други!